Со оглед на новонастанатите околности поврзани со траењето на мандатот на градоначалниците и членовите на Советите во општините во Република Македoнија, и целокупното функционирање на локалната самоуправа, Управниот одбoр на ЗЕЛС денес, 12 мај, 2017 г. одржа итна седница на која беше дискутирано само по ова прашање.
Изразувајќи огромна загриженост за нормалното функционирање на локалната самоуправа и избегнување на состојбата на создавање на правен вакуум во извршување на надлежностите на општининте а пред се во интерес на граѓаните, ЗЕЛС по опсежната дискусија испрати апел до Собранието на Република Македонија, политичките партии и останатите државни институции веднаш и без одлагање да најдат решение со кое нема да се дозволи да настане запирање на функционирањето на локалната самоуправа.
Членовите на Управниот одбор поаѓаат единствено од интересот на граѓаните, истовремено констатирајќи дека нема друга правна можност во периодот утврден како прва половина на мај општините во Републиката да продолжат да функционираат непречено.
Управниот одбор закажа следна итна седница во понеделник, 15 мај во 12 часот во просториите на ЗЕЛС, се вели во соопштението на ЗЕЛС.