Поранешниот премиер и екс лидер на ВМРО-ДПМНЕ, а сегашен претседател на ВМРО-НП, Љубчо Георгиевски во изјава за Дојче Веле вели дека Македонија сега е пред големи и тешки промени, чие спроведување нема да биде лесно ни по формирањето на владата.
Како може да очекувате брзи промени во таква ситуација? Видете ги само состојбите во судството. Колку многу време е потребно за да се спроведат подлабоки реформи во судството? А во другите сфери? Затоа велам дека тоа ќе бидат бавни и тешки промени, идентични како после пад на комунизам во транзициска земја, вели Георгиевски.
Лидерот на ВМРО-НП очекува поголемо раздвижување на политичката сцена по изборот на нова влада – и во смисла на реформски зафати, но и во смисла на раздвижување на одредени кадровски корпуси поради незадоволство од лидерски и партиски политики. Не навлегува во проценка колкаво раздвижување од тој тип може да се случи во ВМРО-ДПМНЕ, но потенцира дека главните промени што ќе се случуваат на големата сцена – ќе бидат исправени пред многу предизвици.
„Не можам да сфатам што беше целта на ВМРО-ДПМНЕ. Откако ДУИ кажа дека не прифаќа коалиција со таа партија, понатаму не требаше да постојат никакви дилеми и илузии, бидејќи правилата на демократијата се јасни. ВМРО-ДПМНЕ требаше да ја прифати таа реалност и се ќе беше поинаку“, вели Георгиевски, алудирајќи на настаните што следеа потоа – од блокадата во парламентот, па се до „крвавиот четврток“.
„Македонија сега е пред големи и тешки промени, чие спроведување нема да биде брзо и лесно ни по формирањето на владата. Трансферот на власта и сите промени што ќе следат потоа ќе бидат и бавни и многу тешки, бидејќи досегашната власт за сите изминати години насекаде има вкоренето свои структури – во МВР, во бизнисот, во администрацијата, во судството, во медиумите… Како може да очекувате брзи промени во таква ситуација? Видете ги само состојбите во судството. Колку многу време е потребно за да се спроведат подлабоки реформи само во судството? А во другите сфери? Затоа велам дека тоа ќе бидат бавни и тешки промени, идентични како после пад на комунизам во транзициска земја“, констатира Георгиевски.