Претседателот на Собранието на Република Македонија Талат Џафери денеска се сретна со словенечкиот амбасадор во Република Македонија, Милан Јазбец.
Како што соопшти Кабинетот на Џафери, Јазбец му врачил официјална честитка на Џафери од претседателот на словенечкиот парламент за изборот на функцијата претседател на Собранието и изразил искрени очекувања дека досегашните високо развиени билатерални односи меѓу Република Македонија и Република Словенија ќе продолжат.
Осврнувајќи се на немилите настани од 27 април и на актуелната состојба, претседателот Џафери истакна дека тој лично ќе се заложи за враќање на институционалниот интегритет на Собранието и на јакнење на довербата на граѓаните во оваа институција. Тој очекува претседателот на државата да ја исполни својата уставна обврска и да го даде мандатот на носителот на парламентарното мнозинство, со што ќе се отворат процесите за конституирање на собраниските тела, а со тоа и формирање на новата влада. После тоа, приоритет ќе бидат измените на Изборниот законик и продолжување на мандатот на сегашната локална самоуправа, до есента кога, се надева, ќе се одржат локални избори, стои во соопштението.
Република Словенија и понатаму ќе ја дава својата јасна и силна поддршка на Република Македонија во процесите на евроатлантското интегрирање. Паралелно, ќе продолжат да се негуваат и развиваат парламентарната соработка и парламентарната дипломатија, како и економските и културните односи, стои во соопштението.
Претседателот на Собранието, Џафери, на средбата најави дека тој лично ќе го покани својот колега, претседателот на словенечкиот парламент да дојде во официјална посета на Република Македонија, со што ќе се даде значаен импулс, како во развојот на билатералните односи, така и во регионален и европски контекст.