Поранешниот министер за образование во Владата на Љубчо Георгиевски, универзитетскиот професор Ненад Новковски во изјава за „Поглед“, коментирајќи ги последните случувања во Република Македонија, рече дека во овие времиња клучно ќе биде промената на актуелното раководство на ВМРО-ДПМНЕ на чело со Никола Груевски за да се обезбеди ефективна и достоинствена позиција на десницата во Македонија.
Ова е миг во којшто не само што постои можност да се направат длабоки промени во македонската десница, туку е и неопходно да се преземат такви активности. Сите активни политички чинители се исправени пред обврската да се поправи огромната штета што и беше нанесена на десната опција во последниве десетина години со крајно лошто и неодговорно владеење на гарнитурата од сè уште актуелното раководство на ВМРО-ДПМНЕ. Во овие постапки треба да бидат вклучени сите политички субјекти, а активностите треба да бидат изведени со забрзано темпо, со огромен интензитет, и со чувство на крајна одговорност за иднината на Македонија и десната опција, којашто има длабоки корени, како во исторските претходници, така и во активностите при осамостојувањето.
Многу работи ќе треба да бидат пререзгледани најсериозно, со длабока анализа и ослободени од дневно политички интереси. Клучните аспекти овде секако се промената на актуелното раководство во ВМРО-ДПМНЕ, на чело со Никола Груевски, што ќе отвори пат за суштински реформи и растоварување на партијата и десница во целина од баласотот на катастрофалното раководење со државата, со политички и правни консеквенци. Сите опциии за ново дејствување, преку реформи во партиите, реорганизација и прегрупирање се отворени за изнаоѓање на најдоброто решение. Сигурно дека во ова Љубчо Георгиевски ќе има изразено голема улога, како што имаше и во почетниот период на формирање на партијата и осамостојувањето на Македонија. Конечното решение за тоа како ќе изгледа десницата после овие потреси е тешко да се предвиди. Единственото што мора да се има предвид е дека тоа решение треба да обезбеди ефективна и достоинствена позиција на десницата во Мкедонија, со афирмирање на нејзините главни вредности, за долг период во иднина.