Пишува: Проф.д-р Горан Рафајловски Амбасадор на Р. Македонија во С.Р. Германија од 2001 до 2005
Ако за еден Крст е потребна Голгота тоа е целата европска земја ако за една голгота е потребен врв ние ќе го наречеме Македонија
(Пеју Јаворов)
Имате три недели време да напишите две до четири страници текст односно да ги опишете вашите видувања за билатералните односи меѓу СР Германија и РМакедонија. Така некако стоеше во писмото од Амбасадата на РМакедонија во Берлин кое беше лично до мене адресирано. Планирано е текстовите од сите амбасадори во двете држави да бидат објавени по повод германскиопт национален празник 3 октоври. А повод е 20-годишнината од воспоставување на дипломатските односи меѓу СРГерманија и ……тука морам да признаам малку подзастанав со пишувањето. По природа секогаш љубопитен се запрашав како ли е адресирана оваа реченица во писмата до моите германски колеги?
Една мисла толку брзо светна низ мојата глава што тешко можев да ја сопрам. Дали мислата е побрза од светлината или светлоста е таа која ни дава можност слободно да мислиме не можев сосема точно да одредам. Но Горан, слободно да мислиме тоа е уште поважно дури и ако слободата на мислењето прави мислата да не е побрза од светлината, кратко заклучив. Некаде ми се чини дека беше 2003 та година во Берлин, кога се потпишуваше еден договор меѓу владата на СР Германија и македонската Влада. Не можам да кажам дека употребував специјални дипломатски вештини во преговорите со Министерството за Надворешни работи на СРГ, бидејќи сигурно не бев повешт во дипломатијата од моите германски соговорници, туку повеќе се трудев да се потпрам на мојата наследена мијачка итрина1 . Многу обиди за корекции на тексот во делот каде стоеше македонската влада да го преправам со Влада на ПЈРМакедонија или Влада на РМакедонија. Така поминаа неколку месеци во договори, преговори, насмевки, љубезна размена на ноти и писма за да на крајот бидам скротен од германската упорност и доследност. Дали морав да се помирам со фактот дека не сум амбасадор на ПЈРМ, ниту амбасадор на Р.Македонија туку едноставно и слатко кажано македонскиот амбасадор Горан Рафајловски, или пак доброволно го прифатив ова компромисно решение, не ми е јасно до ден денес. Но, по толку поминати години знам дека искреноста во постапките, на моите германски колеги, особено нивниот респект, го задржаа моето и достоинството на мојата Татковина.
Таа искреност и цврста германска доследност во билатералната комуникација, не само по ова прашање со името, туку кон македонските интеграциски процеси во ЕУ и НАТО е солиден темел за одржлива политика на пријателство. Многу кратко и јасно германската страна ни соопшти уште во 2003-та (на средба на претседатели на влади), дека после приемот на Хрватска во ЕУ ќе има долга пауза во процесот на проширување. На нас самите останува како ќе ја искористиме таа пауза. По однос на НАТО ве подржуваме но треба да најдете компромис со Грција во врска со името. А ние пак, со чувството дека Македонија ни е се што имаме се обидуваме љубовта кон нашата татковина да ја поистоветиме со името. За љубовта прочитав дека таа не е се, но се е ништо без љубов. Исто и тука на нас останува како ќе ја менаџираме оваа условна подршка. Но и ние иако сме помалиот билатерален партнер и ние имаме што да кажеме: Ќе ве подржиме особено во мултилатералните односи и германските позиции во ОН и Советот за безбедност. За разлика на билатералната политика на искрено Пријателство, економските билатерални односи се базираа тогаш а колку гледам и до ден денес на принципот коректно Партнерство. Иако РМакедонија со буџет од 2,5 милијарди евра и дефицит 3,6% од БДП (201 милиони евра) е точно 100 пати економски послаба од СРГерманија, благодарејќи на принципот коректно Партнерство има извоз од 960 милиони евра а увоз од 527 мил. Евра што навистина реткост во трговската размена меѓу послабиот и посилниот економски партнер.
Во Берлин мојата мисија беше многу динамична. Многу работа многу средби и малку време за џогирање низ Груневалд, и прошетки низ Прензлауер Берг и Креузберг. И ништо така не остави такви длабоки неизбришиви траги во мојата меморија како тоа утро.
Ниту бесконечните разговори и консултации врзани со кризата 2001 во Македонија и бунтовниците во планините, кој подоцна влегоа во парламентот и до ден денес со наизменичен успех ја раководат нашата држава.
Ниту пак консултациите околу имплементација на Охридскиот договор,ниту пак подготовките околу потпишувањето на Договорот за стабилизација и асоцијација на Република Македонија со ЕУ на 1 април 2004
Ниту пак многу важната работната вечера тн. „Каминд Абенд’ во хотелот Адлон мај месец 2002, која на покана на мојот пријател амбасадорот на САД Даниел Коутс, ми овозможи да разговарам со James Woolsey член на Советот за одбрамбена политика на Претседателот Bush и сенаторот Jack Kemp но и други десетина многу влијателни политичари. Меѓу нив и Д-р Каструп одговорен за безбедностни прашања на Канцеларот Герхард Шредер, Гернот Ерлер, пратеник и спикер за надворешно политички прашања. А се разговараше сериозно, за Блискиот Исток и решение меѓу Палестина и Израел, за диктаторот Милошевиќ и за Балканот, за Македонија и нејзината иднина, и за методите на заштитата на вредностите на западната цивилизација од глобалната закана на екстремните исламистички групи. И таа вечер сенаторот и поранешниот шеф на ЦИА и иден министер на комуникаци во новата влада на Ирак седум месеци пред да се случи го открија во детали американскиот план за ослободување на Ирак и светот од диктаторот Садам Хусеин и неговите синови.
Ниту средбата меѓу претседателите Рау и Трајковски, кога место планираната бројка од протоколот три плус еден влеговме цела делегација од девет души. Претседателе реков пред да влеземе,протоколарно се планирани четворица да влезат, а тој веднаш одговори, мислиш Горан дека другите толкав пат од Скопје до Берлин поминаа да седат во ходникот!?. Напред сите јас давам команда се насмевна ги рашири долгите раце и се прегрна искрено пријателски со германскиот претседател.Никој ништо нитту од обезбедувањето ниту од протоколт можеше да каже, едноставно беа совладани и формулата на протоколот 3+1 се претвори во 3+1=9. И така претседателот Рау понудувајќи го своето столче на нашата компатна деветчлена делегација добронамерно и шеговито забележа: значи вие бевте тие заради кои центарот на Берлин е блокиран и полицаецот на семафор ме остави да чекам десетина минути со зборовите извинете претседателе ама македонскиот претседател и неговата делегација се пред вас на патот.
Ниту средбите на највисоко ниво и со претставници на СРгерманија ниту пак обидите на Ел Масри, кој пропатува од Табоновце, преку Скопје до Албанија па прелета до Авганистан и назад до Германија, да издејствува нешто само нему познато од мене, ништо не беше така силно како тоа утро.
А тоа утро на 26 фебруари станав неволно. Иако скиите и другата зимска опрема беше спремна во колата, зедов одмор и требаше да одам на скијање во Оберсдорф, чувствував некој чуден внатрешен немир.. Дали бев сеуште под силен впечаток и мисли од синоќешниот телефонски разговор со Борис, со претседателот Борис Трајковски, или претчуството дека нешто страшно се случува беше во тоа ладно зимско утро многу нејасно. Се симнав по скалите од резиденцијата до работната соба и по неколку минути влезе мојот соработник да ми соопшти дека претседателскиот авион со претседателот Трајковски и деветте негови соработници исчезнал некаде пред аеродромот на Сараево – така јавува CNN додаде жално-тифко.
И додека низ мислите и главата ми стуеја зборовите на Борис од претходната вечер, разни програми на теливизијата и радиото разно соопштува. Во едно сите се согласувва дека исчезнал авионот на македонскиот претседател под сомнителни околности и дека СФОР се уште трага по местото на несреќата. И нив им требаше 24 часа да го најдат местото. Многу време за една таква операција на професионални војници, а малку време за средување на моите мисли и слики поминати со Борис од 1993-та година. А вечерта разговаравме за неискрената политика на некој наши соседи, за заладените односи север-југ, за нашите политички пријатели, за јакнење на коридорот 8, но и за нашите противници и непријатели. А тој Борис имаше срце и љубов и за нив. Најголемата заповед да го сакаш не само бог туку и твојот непријател со сиот свој разум, со целото срце и со сета своја душа беше и негова заповед, а получасовниот телефонски разговор го заврши со зборовите “немој да заборавиш каде припаѓаш’.
И додека новинарите дифузно известуваа, додека никој се уште не беше свестен што точно се случува, на мојот факс во амбасадата во Берлин проструи еден лист хартија, еден текст и редица зборови кој и до ден денес неможам да разберам како можат од човечко битие да бидат напишани. Тогаш во таа слабост и немоќ ми дојде голема сила. Сега мораш брзо да мислиш, побрзо од светлината си повторував во себе. Ја криптиравме телеграмата ја пративме до Скопје и мислев дали да го известам паралелно германското министерство без инструкции од нашето министерство. Процедурата беше јасна: Во дипломатската пракса, елементи на висока безбедност се само за внатрешна употреба и без инструкции од МНР на Р.Македонија нема акција кон надвор. Значи ке чекам одговор, но не долго си реков во себе. И не го исполнив своето ветување. Чекав подолго отколку себеси ветените 24 часа. Чекам сеуште на одговор, но во тие моменти мислев повторно брзо и се јавив на нашите пријатели за совет. Моите пријатели се и твои пријатели и твоите пријатели се мои ме потсетуваше Борис.И пријателите се секогаш тука кога е најтешко. И така ги алармирав соодветните институции во СРГ, напишав и нота и одговорот стигна многу многу брзо за неполни 6 часови. Само не беше написмено, телефонски ми соопштија дека авторот на телеграмата е познат, е приведен, разговарано е со него и едноставно се работи за растроена личност (амоклауф).
И денеска кога мислам на тоа, сосема сум сигурен дека дури и човекот кој на 26 фебруари ја испрати таа телеграма која ме потресе како никогаш во животот, тие зборови на гнев, зборови на омраза и деструкција, сосема сум сигурен дека да беше Борис жив дури и него ќе го прегрнеше едноставно затоа што во неговото срце имаше љубов и простување за сите.
1 Авторот има потекло од Лазарополе мијачко село во западна Македонија каде се плетат приказни дега луѓето од тие краеви се одликуваат со голема штедливост, поголема од чкотската на примерно и со една обдареност на природна остроумност и итрина.
Проф.д-р Горан Рафајловски e Претседател на комитетот за меѓународна соработка на МБП
Извор: МБП