Членот на ИК на ВМРО Народна Никола Тасев денеска заедно со Генералниот секретар на ВМРО Народна, Љупчо Балкоски придружувани од лидерите на Достоинство и Обединети беа дел од 22 конгрес на СДСМ како претставници на коалицијата „ВМРО за Македонија“.
Вечерва, претставникот од ВМРО-НП Никола Тасев на својот ФБ профил пишува дека денес прв пат во својот живот се радувал во друштво во кое идеолошки не припаѓа, бидејќи видел многу позитивна енергија и луѓе кои идеи можат да понудат излез за државата.
Тасев му порачува на лидерот на СДСМ да не ја испушти шансата да ја оправда довербата кај народот и дека Македонија не може да си дозволи нови празни години на чекорење во рикверц.
ЕВЕ ШТО НАПИША ТАСЕВ НА СВОЈОТ ФБ ПРОФИЛ
Денес бев гостин на Конгресот на СДСМ како претставник од ВМРО – НП. Првпат во мојот живот во друштво во кое идеолошки не припаѓам, но се радувам што меѓу луѓето видов многу позитивна енергија и подготвеност да работат за прогрес на Македонија. Се подружив со луѓе кои имаат идеи и љубов кон државата, се подружив со луѓе кои се за демократија, правда и правичност, се подружив со луѓе кои нудат излез за Македонија од економската, демографската и социјалната катастрофа во која не доведоа моите поранешни сопартијци. И не ми е битно што мојата идеологија е различна од нивната, кога имаме исти погледи за иднината.
СДСМ, Заев имате огромна поддршка од народот, имате огромна поддршка од нормалната десница (од доброто ВМРО), имате огромна поддршка од меѓународната заедница – немојте да ја испуштите шансата да ја оправдате довербата. Македонија не може да си дозволи нови празни години на чекорење во рикверц. Направете ја Македонија добро место за живеење: правда за обесправените, помош за сиромашните, работа за невработените, шанса за квалитетните, бесплатно лекување за болните…
МАКЕДОНИЈА може и МОРА да живее и да се развива нормално!!