Ако успееме да го исправиме курсот, тоа природно ќе создаде добра волја во меѓународната заедница која ќе треба да се искористи. Тоа не е тешко и на некој начин не зависи само од извршната власт, туку и од судската. Сигналите од последниот самит на НАТО, покрај повторувањето на формулата од 2008 од Букурешт, беше дека земјата се одалечува од стандардите пред се од правната држава, владеењето на правото. Мислам дека се отвараат извесни прозори што треба да се искористат. Меѓутоа ќе треба многу внимателно, ќе треба многу мудро.
Имаме многу аргументи, ја имаме пресудата од Хаг од 2011, што досега не успеавме да ја употребиме во политичка смисла како „сериозен аргумент“. Се отвара патот, но се уште е по нагорнина и сите ние треба да буткаме.
Ако се тргне од кампањата, програмата која ја презентираше Г. Заев можеме да очекуваме реформска Влада, рече Димитров.
Јас ќе завршам според зборовите на Вилијам Гледстон – основачот на британските либерали, кој вели: Мојот принцип на надворешната политика е добро владеење дома. Ако ние сакаме вистински да зачекориме кон членство во НАТО и ЕУ, мораме домашната работа многу сериозно да ја почнеме и со тоа ќе ја создадеме таа добра волја. Тоа не зависи само од идната влада, туку од сите нас, од судската власт, вели идниот министер за надворешни работи на Република Македонија Никола Димитров.