4.8 C
Skopje
Thursday, November 28, 2024

Дескоска: Непотребните дисперзирани факултети ќе бидат затворени, ќе биде анализиран и „Дамјан Груев“

Новата министерка за образование, Рената Дескоска денеска ја презеде функцијата од претходниот министер, Пиштар Љуфтиу. Таа рече дека министерството ќе го води транспарентно и дека при изготвувањето на новите законски решенија ќе биде консултирана стручната јавност.

Министерката рече дека уште денеска ќе побара анализи за тоа како се работело, бидејќи треба да има многу промени во ресорот.

„Свесна сум дека ме чека огромен предизвик, со оглед на фактот дека ќе раководам со еден од најголемите ресори. Сите решенија што ќе ги носиме ќе се темелат на претходна анализа, ќе биде вклучена и експертската јавност, а ќе се организираат и дебати. Работиме да го вратиме достоинството на наставниците и професорите. Ќе го донесеме законот за високо образование,“ рече Дескоска.

Во врска со екстерното тестирање, таа рече дека ќе биде укинато во целост и дека учениците уште оваа година ќе бидат ослободени од оваа беспредметна обврска.

Дескоска додаде дека ќе се направи и анализа околу дисперзираните факултети, која треба да покаже кои се потребни, а кои не и ќе бидат затворени. Предмет на разгледување ќе биде и проектот за универзитетот „Дамјан Груев“.

поврзани објави

Последни објави