-0.2 C
Skopje
Thursday, November 28, 2024

Левица: Платформата на албанските партии е провокативна и беспредметна

Албанските партии вчера оформија заедничка платформа, во која ги поставија условите за коалицирање со нив и оформување на влада. Со реакција на оваа платформа излезе политичката партија Левица.

Тие во своето соопштение велат дека во време кога во Македонија има висока стапка на сиромаштија, а државата е земја со највисоки класни разлики во Европа, оваа заедничка платформа на ДУИ, БЕСА и Алијансата за Албанците е провокативна и беспредметна.

Во соопштението Левица посочува дека има многу други прашања кои се поважни и требат да бидат расчистени во однос на она што го бараат албанските партии.

„Време е во прв план да се постават најгорливите прашања кои ги засегаат сите етнички заедници во оваа земја, а тоа се социјалните права. Ваквите заложби немаат ништо суштинско, односно само создаваат привид дека некој се бори за нешто, додека реалноста е спротивна. Ваквата реторика им одговара само на интересите на богатите кои преку подгревање на национализмот кај сите етнички заедници се обидуваат да го одвлечат вниманието од суштинските проблеми, а со тоа да спречат надетничко обединување на народот кое би ја загрозило нивната привилегирана положба во општеството.

Време е да ги поставиме вистинските проблеми во преден план, не e возможно да зборуваме за било што, кога немаме услови за достоинствен живот, кога голем дел од граѓаните се угнетувани и експлоатирани. Левица ги повикува граѓаните да не наседнуваат на триковите и маглите на владејачките бизнис и политички елити и да се обединат во борбата за решавање на заедничките проблеми кои суштински и навистина нѐ обединуваат сите нас, без разлика на националната, религиозна или сексуалната определба, единствено обединети врз основа на нашата општествена положба како угнетени.Во таа борба сиромашните и обесправените немаат што да изгубат, освен своите окови.

Но исто така, ние од Левица сме свесни дека треба да се надминуваат јазот и бариерите кои ги имаат етничките Македонци кон учењето и употребата на албанскиот јазик. Ако повеќемина во Македонија го научат албанскиот јазик, барем во мера на негово разбирање, тогаш далеку поширока употреба ќе има албанскиот јазик во споредба со неговото наметнување на официјален начин, што, овде и сега не може да не помине без пораст на национализмот кај Македонците и отпор кон учењето и употребата на албанскиот јазик“, соопштуваат од Левица.

поврзани објави

Последни објави