6.8 C
Skopje
Monday, December 9, 2024

Иванов – Вучиќ: ЕУ да направи јасен исчекор во европерспективата на регионот

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов денеска оствари средба со новоизбраниот претседател на Република Србија Александар Вучиќ, во рамки на учеството на „Брдо-Бриони” процесот во Брдо кај Крањ.

На средбата, двајцата претседатели разговараа за градењето на добрососедските односи, за регионалната стабилност и соработка, како и за интегрирањето во Европската унија, констатирајќи дека овие области се надворешно политички цели и приоритети и за Република Македонија и за Република Србија.

Претседателот Иванов му упати честитки на српскиот претседател и му посака успех во извршувањето на претседателската функција, изразувајќи надеж дека во иднина заеднички ќе придонесат за уште поуспешна и поплодна соработка на сите полиња од взаемен интерес на двете земји.

Македонскиот претседател истакна дека е неопходно Европската унија да го промени својот пристап кон регионот, и да направи јасен и конкретен исчекор во европерспективата и интегративните процеси кон државите од Балканот, бидејќи само на тој начин може да се зголеми регионалната стабилност и да се намалат предизвиците и тензиите кои моментално постојат.

Понекогаш се појавуваат одредени прашања, недоразбирања во односите меѓу двете земји, кои на ниеден начин не можат и нема да влијаат на апсолутно приоритетната цел, негување и градење на најдобри можни добрососедски односи и соработка во сите сфери. Такво едно прашање се појави неодамна поврзано со настаните во Собранието на Република Македонија, за што двајцата претседатели се согласија дека „решението е во надлежност на службите”.

Двајцата соговорници се заложија за натамошен развој на пријателството и соработката меѓу двете држави кои споделуваат идентична визија за заедничка иднина во ЕУ, за стабилност и просперитет на регионот, што ќе се оствари со интегративните процеси и со зајакната регионална соработка.

поврзани објави

Последни објави