11.8 C
Skopje
Wednesday, December 11, 2024

Муда до колена

РК Вардар стана европски првак во ракомет. За тие кои не се запознаени или не следат ова е најголемиот успех на македонска екипа во тимски спорт во машка конкуренција во македонската историја. Но Македончето немаше да биде Македонче, ако и во овој успех не најде причина да се подели.

Прво почнаа да летат сликчиња како Груевски навива за Вардар, а Заев за Шкендија. Се поставуваше и прашањето „Со кои очи тие што ја фарбаа Триумфалнава, сега ќе дојдат да ги пречекат хероите?“. Па се јавија и дежурните од „објективните“ медиуми, кои во стилот „друже Тито ми ти се кунемо“ нè информираа дека Лидерот е во публика и веднаш после победата отишол да се поздрави со Самсоненко. Од другава страна пак едно од „острите“ пера на „револуцијата“ побрза да се пофали, дека не гледа ракомет и не навива, прашувајќи цинично дали неговата незаинтересираност е казниво дело.

После победата, капитенот на европските прваци Столе Стоилов, ја спомна и мудата до колена… Веднаш се јавија и „борците“ против балканската заостанатост. „Како смеел Столе да спомнува муда, небаре жените кои нели чисто физички немаат муда не се храбри или пак се недоволно борбени“?

Да ви кажам нешто, онака недипломатски, драги мои феминист(к)и, неолиберали, припадници на Хелсиншкиот комитет, активисти на сите знајни и незнајни друштва за човекови и животински права, припадници на веган заедницата, , соработници на Хербалајф, сведоци на Јехова и сите останати кои, е можно да се имаат навредено од муабетот на капитенот. Колку и да рипате како попарени, Столе Стоилов има право да ја искаже својата радост, па макар и вам да ви изгледа невкусно или пак и на некој начин сексистички. Не е лошо да излезете веќе еднаш од вашите стаклени ѕвона.

Да ви кажам ли што е реален проблем?! Во Македонија сè уште голем број жени јадат ќотек од нивните мажи. Јас самиот сум бил сведок (жртва ) на таков вид семејно насилство. Од муабетот на Столе за мудата, ниту една жена доби модринка под окото нели? Доста е со тие вештачки создадени фами, за да се оправда нечие постоење и делување. Остајте го човекот на раат да си се израдува. Тој ниту опцу некого ниту се закани некому со нешто.

Единствената негова грешка е фактот, што својата радост од постигнатиот успех ја изрази така, како што се зборува со блиски пријатели. Ваквиот речник се користи во директна и другарска комуникација и во него барем јас не гледам ништо толку трагично или страшно. Оладете малце. Остајте го/нè да дишеме. У реду е, ете сељак е, необразован е, секако можете да го наречете, ама се додека не влезе во вестите со нешто лошо (ја претепал женска му или жена му, навредил некој човек или не знам, ете убил некого онака за задоволство), ќе ве молам држте ги рацете подалеку од капитенот на европските прваци. Вашиот калап чувајте си го за вашите соработници, не ни го наметнувајте.

Пишува: Батко Тане

поврзани објави

Последни објави