fbpx
5.8 C
Skopje

Руско МНР: Провокација е написот на Гардијан дека Русија се меша во внатрешната политика на Македонија

АКТУЕЛНО

Руското Министерство за надворешни работи соопшти дека „наводите на Мрежата за известување за организиран криминал и корупција за руска вмешаност во внатрешните работи на Македонија е провокација“.

Сметаме дека извештајот не е ништо повеќе од неумесен обид да се префрли одговорност за длабоката криза во Македонија. Неоснованите обвинувања кон Москва со цел ширење дезинформации за финансирање медиуми во Македонија, доаѓаат од организации претежно спонзорирани од американски државни структури и фондови на Џорџ Сорос, наведува Министерството во соопштение.

Британскиот весник „Гардијан“ вчера објави дека руски шпиони и дипломати речиси една деценија работеле на ширење пропаганда и раздор во Македонија, како дел од пошироки напори на Кремљ да го зголеми своето влијание во државите од поранешна Југославија и да спречи нивното членство во НАТО, како и да ги држи подалеку од западното влијание.

Повикувајќи се на класифицирани документи од македонските тајни служби, до кои дошла Мрежата за известување за организиран криминал и корупција, весникот нагласува дека тие активности почнале во 2008 година.

Според еден од извештаите, подготвен на почетокот на годинава за шефот на Управата за безбедност и контраразузнавање, Владимир Атанасовски, било наведено дека во изминатите девет години Македонија е „под силна субверзивна пропаганда и разузнавачки активности спроведувани преку Амбасадата на Руската Федерација“, објави Гардијан.

Во документите се наведени и напори на српското разузнавање за поддршка на „антизападните и на проруските националисти во Македонија“.

– Со употреба на сите техники и методологии на таканаречената мека моќ, како дел од стратегијата на Руската Федерација на Балканот, целта е изолација на државата (Македонија) од влијанијата на Западот, се наведува во еден од документите.

Разузнавачките активности на Москва биле спроведувани од амбасадата во Скопје, преку тројца агенти на руското надворешно разузнавање, а водени од канцеларијата во Белград, како и преку четворица воени разузнавачи координирани преку Софија, Бугарија, се наведува во материјалите.

Во еден од нив било наведено дека руските агенти работеле и на регрутирање на сегашни и на поранешни припадници на македонската армија и еден министер за внатрешни работи со цел да креираат „критична маса од воено обучени лица кои во одреден важен политички момент или ситуациија би биле корисни за постигнување на руските интереси“.

Агентите преку парични фондови се обиделе да влијаат и врз македонски, но и медиуми на албански јазик во Македонија со цел „да шират информации и дезинформации за поддршка на руските политики“, нагласува весникот.

ПОСЛЕДНИ ОБЈАВИ

- Advertisement -