13.8 C
Skopje
Wednesday, November 27, 2024

Отворено писмо до премиерот Зоран Заев

„Почитуван премиере Заев,

Ова е отворено писмо до Вас за што ни на момент не се двоумев или колебав да го напишам. Напротив, чувствував посебна одговорност, но и слобода и можност истото да го направам, со некоја впечатлива сигурност дека отвореноста на ова писмо ќе ја пресретне Вашата отвореност, која најчесто е лабелирана со карактеристика на „народен човек“. А бидејќи сте премиер на една прекрасна земја, тоа значи дека самото ова писмо и јас лично го сметам како доста важно. Бидејќи целиот мој кредибилитет, авторитет и потреба од канализирање на моите искуства, размислувања и гледишта, е ставен во функција на порака до Вас, најпрво како прв меѓу еднаквите, но и како најбитна и најавторитетна фигура во општествената поставеност во нашата држава.

Нема да звучи ни малку грубо, ниту неоправдано, дека надежта во Република Македонија веќе не е духовна, туку политичка категорија. Разните концепции на владеење, нови и ненормални регионални и светски текови, но и други разно-разни работи во општеството, направија народот да се откаже од неоткажување. Па така, политиката е главна културолошка одредница во нашето општество. Но не, не е тоа неоправдано, туку е неопходно. И во таа ситуација, најголем дел од моите и Вашите сограѓани, се што има, а тоа е нивното право да дадат последна шанса за подобро утре – Ви го доверија Вам. Со тоа не Ви дадоа можност да смените една партија од власт, ниту Вие да бидете прв министер. Граѓаните – јас и уште многу други Ви ја дадоа својата иднина.

Граѓанската поддршка за Зоран Заев претставува последна форма на резултат на народното „трпение-спасение“. Оти луѓето знаат дека не изгубија ништо преку ноќ, ниту пак, ќе добијат преку ден. И затоа Ви дадоа доверба, ќе Ви дадат и трпение. И четири години од нивната неизвесна, несигурна иднина. Четири нивни, и четири години на нивните деца, родени и неродени, нивните внуци – полнолетни или малолетни. Четири години кои знаат да бидат пресудни за следните 44. За еден, но и за последен. И човек и живот.

Четири години не се малку. За четири години се учи средно школо, или факултет. Четири години се чека на Олимпијада и фудбалскиот мундијал. Четири години траеа светските војни. Четири години (треба да) трае и Вашиот мандат. На сите тие процеси и настани им се потребни четири години, за да се балансира меѓу надежта и трпението. Во склоп на животниот век.

Затоа сметам дека луѓето Ви дадоа сè што имаа. Нивните четири години.

Но, и тоа не е случајно. Од една страна, критериумите во политичката структура во Република Македонија се сведуваат на „последната сламка“. Затоа, како Европска земја, е фрапантно што во одминати години на 21-ви век, народот го дарува својот свет, демократски глас на избори за „живот“. Вие, го препознавте тоа. Верувам дека сфативте што му е потребно на македонскиот народ. Народот, од друга страна, пак, заборави што значи „нешто повеќе“, па се сведе на „леб и вода е потребно“. И јас, верувам дека е така. До таму е дојдена работата. Така, и јас и сите други кои преку пенкало Ви ја врачија својата надеж и доверба, очекуваме и веруваме во леб и мир во Република Македонија.

И како средношколец на кој го чекаат четири макотрпни години до матура; како студент кој ќе мора да гази низ трње за да стигне до апсолвентските ѕвезди; како што фудбалери и спортисти чекаат четири лета за можност за медал, така и ние, но и Вие ќе имаме четири макотрпни и пеколни години за да стигнеме до висините на успешно пребродување на моменталниот мрак. И како што на народот му е потребен Зоран Заев, верувам дека и на Зоран Заев му е потребен народот. Таквиот реципроцитет ќе создаде таква енергија, што потребата од леб и вода, за некоја година, ќе биде заменета со стратегиски планови за што подобра соработка со останатите значајни европски земји.

Јас лично, со сиот мој интегритет, авторитет, научна и стручна поткованост, сум спремен да верувам дека со Вас, Република Македонија може да дотурка многу подалеку од она што го веруваат општите оптимисти.

Република Македонија има мала територија, но голема енергија, која е расфрлана и со сериозна закана засекогаш да е потрошена. Да не одиме подалеку, ама и самото тоа што сме на тлото на најзначајната култура и континент, ни дава стартна позиција, но и поткрепа, да сме и да бидеме земја со углед, која може да служи за пример. Бидеќи, геополитички е неоправдано земја која има и воздух и вода и жито и стада и култура и традиција, да се бори за леб. Така скромна држава следствено, скоро само по себе, треба да живее во благосостојба. Ние немаме ни пустини, ни песокливи ни мразни, ниту имаме реки што поплавуваат, ниту езера што пресушуваат, па географијата да нè одвлекува од успех. Македонија, географски, е предодредена да живее во благосостојба. А во такви услови, сè зависи од раководството.

И бидејќи вие сте првиот во тоа раководство, очекувам да се покажете како добар раководител, менаџер, водач, лидер, реформатор и идеолог на едно поинакво, ново утре.

А писмото што Ви го пишувам, го пишувам во име на граѓанин на Република Македонија кој има 29 години и енергија да учествува во секоја иницијатива за што подобро ново утре на Македонија.

Како граѓанин на Македонија кој има план да твори и живее во оваа Македонија. Граѓанин кој планира да има деца, и да дочека внуци во држава каде што се родил. Граѓанин кој се бори за да се зачува чувството на дом – нешто што е свето, кое се губи ако тргнам по свет. Затоа, оттука и го црпам мојот самодаден легитимитет да Ви пишам писмо. Легитимитет поставен на мојата безусловна и непокорна желба да остарам во оваа држава.

Ви пишувам и како географ, односно како човек кој го посветил својот живот, досегашен и понатамошен на можноста да се разбере природата и општеството, но и симбиозата и параклазата меѓу нив. Сум учел книги, сум слушал часови и предавања. Допрва ќе слушам и уште повеќе ќе читам, за да можам и јас да предавам и пишувам. Сето тоа во оваа земја. А географијата, како благородна наука која има одговор за сè, ми дава втор легитимитет да Ви испратам вакво писмо. Бидејќи географијата има толку силен видокруг, што може да види, разбере и перцепира што се случува од еден крај до друг крај на државата. Но, и од еден крај до друг крај, кога се врзува крај со крај со една плата. Затоа, географот во мене ги буди и научните емоции, кога е време да мислиш и на својот комшија, пријател, другар, но и на луѓето кои не ги знаеш, ниту си ги видел. Ама знаеш дека и тие имаат свои маки и планини, а живеат под исто сонце во државава. И јас како граѓанин, и како географ, а и тие, знајни и незнајни, зависиме од Вас. И од нашата одлука да зависиме од Вас.

Легитимитет да Ви пишувам ми дава и мојата одлука да го дадам својот глас „за живот во Македонија“. Долги години низ минатото, јас остро и строго верував во можноста преку избори да се променат некои работи во општеството. На сите дефетистички теории дека „преку избори ништо не се менува“ сум размислувал поинаку – дека најголемиот трик што ѓаволот го направил е токму тоа – да го увери обичниот човек дека неговиот глас не вреди ништо. Вреди. И како и што Вие поентирате – срушивте режим со пенкало.

А тоа се постигна со заокружување на опција. Опцијата бевте токму Вие. На избори, секој глас е еднаков. И оттука, црпам легитимитет и да Ви пишувам, да Ве пофалам и да Ве критикувам – сè во контекст на она што, барем јас, сметам дека е неопходно за што подобро утре на Република Македонија.

Овој пат, нема простор за пофалби или критики – за сето тоа е многу рано, но сметам дека едно писмо, кое се надевам дека ќе стигне до Вас, е доволно за почеток. Имаме четири години.

Писмото го темелам на сите мои легитимни права – и како граѓанин, и како географ, и како гласач. И оттука, си земам за право да дадам и насоки и размислувања за подобро општество. Така, ја креирам мојата обврска, преку мој мал придонес во целиот општествен и демократски калеидоскоп на работење за подобрување на нашиот и сечиј живот на ова парче земја.

А Вие, почитуван Премиере, одамна, пред да ја објавите програмата, и партиска и владина, ме убедивте дека токму Вие сте правиот избор. Во посебни околности и услови, не е потребна опсежна и детална програма за да се влее доверба дека ќе се работи за подобрување на општите и посебните услови во општеството. Но, кога веќе постои програма на работа, при формиран тим и смогнати сили, вредно е истата да се поддржи, и на неа да се темелат надежите, но и да се работи – секој момент со секоја нова можност за остварување на кажаното, напишаното, но и она што не е ниту напишано, ниту кажано, туку е следствено. А следственото доаѓа од самата доверба. Луѓето веруваат дека нивниот Премиер, господинот Зоран Заев ќе го реши секој проблем на кој ќе наидат и тие, но и нивната држава. А следственоста на таквата надеж, не ја собира во никаква програма, ни во било која реторика. Оти никој не знае што носи утрешниот ден. Е, токму тука треба таа демократска синергија, за отстранување и рушење на секоја нова, наидувачка препрека во животот на поединецот, но и на државата.

Некои работи кои јас сметам дека се неопходни да се направат, веќе ги имате најавено. Затоа, некои само ќе ги нагласам, некои ќе ги поставам како посебна неопходност, а за некои можеби и ќе внесам свежина во идеи. Но, најбитното е да се размислува и да се поставуваат идеи.

1. Ви ја давам мојата безрезервна поддршка за Евро-атлантските интеграции. Република Македонија безусловно мора да го изнајде патот за рамноправно членство во Европската Унија и НАТО пактот, како главни геополитички ентитети кои гарантираат мир и демократија, но и прогрес и слобода. Тоа мора да биде клучен и неопходен чекор, кој ќе произведе уште позабрзано темпо кон развојот на нашето општество. Сметам дека е повеќе од потребно за истото да се зборува, и истото да се потенцира. Низ минатата декада, Македонецот го изгуби чувството за евроинтеграциите, односно истото го замени со разно-разни алтернативи, евроскептицизам и анти-американизам. Не постои полош социолошки ветер од креацијата на анти-западни вредности во нашето општество. Адекватно на потребата од голем напор за членство во западните инстанци, се јавува и потребата од објаснување и доучување на граѓанинот во Република Македонија, дека западните ентитети не се злото, туку дека токму тие се перспективата – она што ни е неопходно за да ја дочекаме општествената и економската слобода тука! Треба да се беседи, учи и подучува за западните вредности, преку формално и неформално образование – преку работилници, семинари, конференции, хепенинзи. Тоа е единствениот начин за крајниот напор на Македонија за евро-интегративност да биде целисходен. Моменталната анти-западна слика мора да се промени, и целата лоша расположеност спрема западот, да биде искоренета. Сметам дека Вие, премиере Заев, го имате капацитетот да го направите и едното и другото. Да се потрудите да го искоренете анти-западниот сенс во нашето општество, но и да ја испратите Македонија во НАТО, а се надевам што поскоро и во големото европско семејство.
2. Сметам дека Вашите реформи во образованието ќе бидат неопходни. Но, сите Ваши досегашни најавени мерки мора да бидат флексибилни, во сходност со условите на работа. Но, ако треба и ќе Ве замолам, да се позанимавате со високото образование. Покрај се што е најавени, очекувам занимавањето да се однесува на што помалку занимавање. Пред сè, мислам на УКиМ – најстариот и најреспектабилен универзитет во Македонија, кој лежи на грбот на голем број еминентни научници кои мислам дека се способни самите да го раководат. Оттаму и неговата автономија која мора да биде света. Претходните владини предози компетно го нарушија неговиот интегритет и баланс, што наместо да му овозможи напредок на научен и наставен план, го направија терен за борба на идеи и контра идеи за актуелни состојби, наместо за перспективи. Сметам дека е фер, за секоја реформа во образованието, посебно во високото, да бидат формирани работни тела кои се директно засегнати, со што ќе биде запазен легитимитетот, на основа на вистинските потреби и проблеми. Но, не само во високото образование. И не само во образованието.

3. Третата точка ќе ја воопштам и ќе ја наречам „граѓански потреби“. Сите оние ситни реформи, кои некои ги нарекуваат популистички, а некои трошки. Има и луѓе кои сметаат дека не се ни потребни, бидејќи тие биле маргина на секој општествен проблем во Македонија. Но, јас лично сметам дека се потребни. И радиодифузната такса, и евтината струја, и екстерното тестирање и сè останато, што гарантира дека „малку од малку“ ќе биде зачуван секој скапоцен денар на граѓанинот, е потребно да се направи. Оти, таквите, реформи, гарантираат дека се работи, и дека секој проблем се третира еднакво и сериозно.

4. Лично сметам дека социјалната и економската политика мора да бидат флексибилни. Даночна политика, политика на минимална плата, пензиски фонд, отворање на работни места и слично се правци на политики кои излегуваат следствено на економската состојба на државата. Уверен сум дека Вашите менаџерски способности ќе успеат да ги решат сите проблеми кои ќе настанат при имплементирање на сите владини мерки и политики, но и од друга страна, ќе ги оттргнат сите проблеми кои се јавиле заради мерките и политиките. Ова второто, е многу важно. Првиот момент кога Вие ќе се откажете од било која владина политика која ќе се покаже како неефективна, ќе биде денот кога ние ќе знаеме дека напредокот на социјално, културно, економско и демократско ниво е веќе дојден.

5. Господине премиере, мора да се позанимавате и со правдината. Не само со правото, судството и безбедноста – туку и со правдата. И тоа од најниски, најситни сегменти. Бидејќи немање на правина, креира кривина. Кривината од најопшти и најниски слоеви на општеството, па сè до највисоките, креираат исти проблеми. Неправдата креира нетолеранција, одмазда, реваншизам, закани, проблеми, пријави, одјави, протести, контрапротести, повреди, смрт, казни, бегство, хаос. Немојте да дозволите за некого државата да биде мајка, за некого маќеа. Немојте да дозволите секоја Ваша реформа да падне во вода, ако некој биде форсиран заради одредена социјална, економска, етничка, политичка, било каква положба. Од кражба на велосипед, до кражба на милиони, нека постои ист принцип. И за оној кој има плиток, но и за оној кој има краток џеб.

Посебно да обратите внимание и до етничките неправди. Не смее да се игнорира вистината дека законите и посебно и генерално не важат исто. Дури што, морам да посочам, дека главен генератор на секоја етничка и религиозна нетрпеливост во Македонија се раѓа токму во поинаквиот третман на чинители на правда и неправда. Преку тоа некој си зема сила, а некој преку револт зема поинаква. И сето тоа раѓа раздор, презир, омраза, одмаздољубивост, и сето тоа во бескраен, магичен круг.

За оние неправди кои влегле и во народно творештво „кај што има сила – нема правдина“, мора да има решение. И за тоа, имам посебна верба во Вас, посебно по кампањското разобличување на дел од таквите актери.
И да не заборавам – ќе Ве молам да се потрудите секој што згрешил да одговара. Од најмал до најголем. Од најсиромашен до најбогат. Така ќе нè осигурате дека има иднина и прогрес и дека нашата надеж не е само неоправдан оптимизам.

6. Господине Заев, направете попис! Но, не зборувам за оној аналитичко-статистички. И тој е неопходен, ама мислам дека има еден друг, кој е суштински и нужен. Попис на луѓе кои знаат и умеат да го подобрат општеството во државава и сакаат да се вратат дома. Сите оние прекрасни и квалификувани млади момци и девојки кои го напуштиле домот, а би се вратиле. Истите да се идентификуваат, пребројат, да се препознае проблемот заради кој си заминале и да се вратат назад. Скоро по секоја цена. Таквиот тим на повратнички миграции ќе бидат интегрален дел од развојот на Македонија. Истите ќе внесат свежина и енергија која не може да се добие со никаква инвестиција. Бидејќи сите тие се токму наша инвестиција, и се плод на нашето општество.

7. И за крај, со симболична точка, бидете она што го очекуваме – да имате демократски слух и сенс. Бидете отворени за секакви предлози и сугестии. Довчерашната псеудо-отвореност придонесе за еднолични идеи и сивило во демократијата. На државата и требаат идеи и разни мислења, а истите не смеат да бидат ексклузивитет на власта или на членството. Нека доаѓаат од секаде и од секого. Секој што има што да каже и смета дека би било целисходно, нека го направи истото. На Македонија и треба мислења од патриотски, до економски причини.

Самите Вие, развијте терен за дискусија. Нека бидат направени многу работни групи и експертски собранија. Нека се собираат географи, биолози, еколози, архитекти, економисти, лингвисти, правници, етнолози, математичари, физичари. Засебно и комплементарно. Нека создаваат проекти, нека ви предлагаат стратегии. Нека ви помагаат за смерови и за предности, слабости и маани. Секој адекватен нека дава решение на идентификувани проблеми. Секој во своја струка. Секој за ова општество.

Но, најбитното – гледајте секој ваков предлог, стручно тело, мислење и стратегија, да Ви помагаат без надокнада, или без да бараат нешто за возврат. Тимови кои ќе работат од љубов за својата земја и подобро утре
Секој од нас треба да даде сè од себе за што подобро општество. А подоброто општество ќе му врати на најблагороден возможен начин.

Господине премиере Заев,

Јас, Горан Китевски, како граѓанин, географ и гласач, Ве поздравувам и Ви ја упатувам мојата поддршка. Искрено се надевам дека ова писмо ќе стигне до Вас, и ќе отпочне една нова идејна форма, која ќе го отвори патот за илјадници вакви писма, полни со предлози и мислења, кои ќе Ви помогнат токму Вам, во креацијата на подобра иднина и носењето на живот во Република Македонија.

Срдечен поздрав,
м-р Горан Китевски, асистент
kitevski.pmf@gmail.com“

поврзани објави

Последни објави