fbpx
6.8 C
Skopje

МВР: „Златната команда“ издала наредба по 20:30 часот

АКТУЕЛНО

Уште на самиот почеток, Извештајот на експертската група констатира дека Оперативниот штаб со кој раководел Митко Чавков функционирал во нејасна постапка, без прецизно утврдени надлежности. УБК не доставила проценка за општата безбедносната состојба во земјава, а ниту на клучниот ден Секторот за внатрешни работи не го искористил видео надзорот од безбедносните камери кои секојдневно снимаат низ улиците на Скопје, по што се заклучува:

„Насилното влегување на граѓаните во Собранието е резултат на отварањето на главниот влез од внатрешната страна, што довело до загрозување на безбедноста во Собранието; Полициски службеник од внатрешното обезбедување во обид да ги обезбеди вратите, бил спречен во преземањето на дејствието од страна на пратениците; Дел од полициските службеници од Одделот за заштита на определени личности и објекти кои биле присутни во Собранието при отварање на влезните врати, не презеле дејствија за спречување на истото“, стои во извештајот на работна група во МВР.

Министерот Оливер Спасовски вели дека Извештајот ги открил системските недоследности во МВР. Сослушани се околу 180 припадници на полициските сили, суспендирани се 23, а против 45 се покренати дисциплински мерки. Ден по насилствата, дел од нив добиле наредба да направат извештај, вели Спасовски.

Еден дел од структурите на МВР после случувањата на 27, добиле задача да напишат посебен извештај, а наредба добиле да го изработат за еден ден. Тој извештај требало да даде такви резултати кои одговараат на поединци во Министерството за внатрешни работи“, изјави Оливер Спасовски – Министер за внатрешни работи.

Понатаму во Извештајот се наведува дека членовите на Оперативниот тим воопшто не биле присутни во штабот иако навремено биле информирани дека мнозинството пратеници во Собранието пристапиле кон избор на собраниски спикер. Од Чавков навремено биле побарани и дополнителен број на полициски сили но тој на одговорните лица за внатрешното и надворешното обезбедување на законодавниот дом и кажал дека нема а ниту за тој ден БЈБ не планирала резерва единици. Тука Извештајот ја лоцира одговорноста кај златната команда со која располага Чавков.

„Раководителот на Оперативниот штаб (златна команда) и раководителите на надлежните организациски единици во БЈБ, иако биле исполнети условите навремено не издале наредба за повикување на припадниците на Одделот за специјални полициски операции;

Началникот на Секторот за внатрешни работи Скопје (сребрена команда) навремено го известил  Раководителот на Оперативниот Штаб (златна команда) за состојбата и насилното влегување на граѓаните во Собранието“,стои во извештајот на работна група во МВР.

Митко Чавков денеска не беше достапен за коментар. Ден по насилствата во Собранието на прес конференција рече дека реагирал веднаш откако бил информиран дека е загрозен животот на пратениците.

„Полицијата отпочна со примена на сила веднаш откако добивме информации дека е неопходна интервенција затоа што во Собранието е загрозена безбедноста на луѓето внатре и во моментот кога дополнително ги зајакнавме силите со кои проценивме дека можеме да спроведеме брза и енергична акција“, изјави Митко Чавков – Поранешен директор на БЈБ.

Два и пол часа подоцна, односно по 20.30 Митко Чавков ја употребил златната команда, односно издал наредба на полициските сили да ги извлечат пратениците од прес салата во Собранието. Експертската група утврдила и дека недостасуваат два хард дискови со материјал од безбедносните камери. Во Извештајот исто така се наведува и дека Агим Нухиу, кој тогаш беше на чело на министерството уште пред 18 часот преку СМС го предупредил Чавков дека состојбата во законодавниот дом може да ескалира, кој пак му вратил дека се е под контрола. Откако дојде до насилства, Нухиу барал веднаш да се реагира но никој не постапил се додека Чавков не дошол во Оперативниот штаб по 20 часот.

 

ИЗВОР: ТВ21

ПОСЛЕДНИ ОБЈАВИ

- Advertisement -