fbpx
5.8 C
Skopje

„Вампирот“ Божо и македонцките работи

АКТУЕЛНО

Пред неколку дена (13 јуни 2017 г.) познатиот бугарски историчар Божидар Димитров одново ја искористи темата Македонија за да „блесне“ како голем бугарски патриот. Стара навика му е на професорот, од време на време да излегува во јавност со скандалозни ставови, кои речиси секогаш се наоѓаат на тенката граница помеѓу реалноста и невкусната шега.

Овој пат Г-нот Димитров даде идеја за ново име на Република Македонија, бидејќи како што тврди самиот тој со своето сегашно име, Македонија никогаш нема да стане дел од ЕУ, бидејќи Грците немало да дозволат тоа да се случи. Во својот коментар објавен во бугарските медиуми (и нормално пренесен од македонските), Димитров не пропушта да одбележи дека „Грците имале право“(тврдење образложено детално во коментарот на професорот).

Големиот „пријател“ на Македонија, истакнува дека ако дојде до промена на уставното име на државата Р. Македонија, најлогично би било истата да се преименува во Југозападна Бугарија. Предлогот кој во себе крие длабока иронија не сакам ни да го коментирам. Кафеанскиот стил на изразување на историчарот е стара тема, ама јас преку овој скромен (како научна тежина) напис, би сакал да го замолам професорот да внимава кога зборува за Македонија, а досетките и невкусните шеги да си ги зачува за другите области во кои е специјалист (жени, Државна Безбедност итн).

Почитуван Г-не Димитров, Вие како историчар сум сигурен дека сте ја виделе насловната фотографија на овој напис. Знаете каде и од кого е направена таа фотографија. На истата таа фотографија никаде не пишува Југозападна Бугарија нели?

Ве молам, да не си поигрувате со паметта на огромниот број знајни и незнајни херои припадници на Организацијата создадена на 23 октомври 1893 г. во Солун со крајна цел автономија на Македонија. Шестмината основачи на БМОРК (ВМОРО, ТМОРО, ВМРО) биле со јасна етничка определба, тие биле свесни дека никоја од Големите сили нема да дозволи припојување на Македонија кон старите бугарски територии и затоа јасно се заложиле за Автономија на Македонија. Македонија, како дом за сите без разлика на нивната етничка определба. Чувствувам грижа на совест што јас еден лаик во историската наука морам да Ве потсетувам Вас, професорот.

Ако сакате можеме да зборуваме за сите македонски револуционери од основачот Д-р Христо Татарчев до последниот лидер и водач на историското ВМРО, Иван Михајлов. Дали Вие како поранешен припадник на комунистичката Државна Безбедност (идеолошки непријател на вмровската идеја), се чувствувате достоен да се искажувате за тоа, како треба да се вика државата, за која независност се бореле илјадници македонски војводи и комити?!

Како ли би реагирал Тодор Александров (таткото на идејата за независна македонска држава), ако ги слушнеше од некаде Вашите жални обиди да добиете публицитет преку играта со чувствата на илјадници македонски Бугари? Во коментар со малку историски податоци и неколку тони иронија ли се изразува Вашата помош кон делото на современите наследници на вистинското ВМРО во Р. Македонија? Тие луѓе секој ден се трудат да докажат дека народот од двете страни на границата е еден и ист и дека неговата иднина зависи од братската помош едни кон други.

Ако Вашата „помош“ се изразува во тоа, со сила да им пикате адути во рацете на удбашките структури во Република Македонија, за да ја хранат својата секојдневна антибугарска пропаганда, Ве молам од името на сите освестени Македонци, аман немојте да ни помагате. Многу подобро од Ваша страна ќе биде да ја користите медиумската трибуна која Ви е ставена на располагање за да раскажувате за Вашите успеси кај понежниот пол. Така барем некому ќе му станете симпатичен со нешто позитивно.

Ако Вашата „помош“ се изразува во тоа да ставате препреки по патот кон добрососедските односи на двете братски држави Р. Бугарија и Р. Македонија, Ве молам да не го правите тоа. Продолжете да барате вампири во околината на Вашиот роден град Созопол. Македонија оставете ни ја нам, потомците на македонските војводи и комити. Колку и да тврдите дека сте некаков „експерт“ за македонската тема, се сомневам дека ја познавате душата на Македонецот и неговиот непокор, затоа за сите би било подобро да се занимате со други теми, преку кои да ја покажувате Вашата, пак ќе речам, кафеанска смисла за хумор.

Почитуван професоре Димитров, во моментот Р. Македонија е историска реалност. Таа треба да опстане како независна напредна и европска земја. За нејзиното име ќе одлучат Македонците (тие кои се свесни за историската вистина околу својата етничка припадност и оние кои за жал се отруени од долгогодишната пропаганда, без разлика дали таа била југословенска, србокомунистичка или актуелната во последните години античката (гркоманска)).

Наш долг како лојални државјани на Република Македонија е да работиме за нејзиниот напредок на сите полиња. Тоа ни е аманет оставен од нашите претци, кои никогаш не дозволиле некој да си игра или пак да вежба остроумност со името Македонија, бидејќи тоа име е напоено со крв и згорчено од неправдите мајчино млеко.

Толку имав да Ви кажам и не Ви се извинувам за дрскоста на овие редови. Потомок сум на човек кој бил припадник на ВМРО во времето на Стариот и Радко, па затоа дрскоста ми е кодирана во генот.

Богдан Петров

ПОСЛЕДНИ ОБЈАВИ

- Advertisement -