-0.2 C
Skopje
Thursday, November 28, 2024

ФОТО: Здружението МБП Кавадарци ја одбележа 104 годишнината од избувнувањето на Тиквешкото востание

По повод 104 години од избувнувањето на Тивешкото востание, претставници на здружението МБП-Кавадарци, положија свежо цвеќе пред споменикот во паркот Полјана во Кавадарци, посветен на жртвите од ова востание.

Востанието е кренато на 19-ти јуни 1913 г., и важи за прв помасовен вооружен бунт против српскиот режим во Македонија.Причини за востанието се репресиите кои ги врши српската воена и административна управа во Тиквешијата.Имено, бугарските учители и свештеници во градот и околината се заменети со српски, населението е подложено на асимилација, а младо момче од Ваташа по име Александар Видов е убиено, само затоа што изјавува оти не се чувствува како Србин.

Тиквешкото востание се подготвува од раководството на ВМОРО, од април 1913г., а војводата Петар Чаулев е испратен во Кавадарци, да ги искоординира подготовките.Формиран е револуционерен штаб, во кој членуваат видни дејци како: Пано Измирлиев, Михаил Шкартов, Тодор Камчев, Димитар Пинџуров, Атанас Мурџев, Дончо Лазаров и др.На помош на востаниците, доаѓаат и револуционерите Христо Чернопеев и Васил Чакаларов, со своите чети.

Кратко по кревањето на востанието, српската војска е прогонета од Неготино, Кавадарци е ослободено, а формирана е и градска управа составена од дванаесет лица.Сепак, радоста на населението трае кратко, бидејќи седум дена по избувнувањето на востанието, Србите испраќаат многубројна војска, на чело со Василие Трбиќ, а потпомогната од четите на Јован Бабунски и Јован Долгач, па така револуционерите се немоќни пред налетите на окупаторската војска.

Бунтот е набрзо задушен, а следуваат масовни убиства, силувања, колежи на невиното население.Педесетина кавадарчани се однесени во месноста Полјана, и стрелани.Над илјада куќи се изгорени, а многу луѓе затворени.Во Криволак исто така се врши страшен терор, и тука се убиени многу лица.

Бројот на жртвите е над илјада, а имињата се знаат на околу петстотини од нив.

Макар што, ова востание по својата важност и обем е на исто рамниште со Илинденското востание, сепак истото во историските книги и читанки е премалку застапено, и на некој начин подзаборавено.Ако во минатото во име на некакво “братство и единство”, овој трагичен настан е сокриен и минимизиран од тогашните власти, во денешни услови нема причина да остане запоставен и заборавен, туку напротив, треба и мора да се истражи и елаборира што е можно повеќе, па со тоа да се зачува споменот за загинатите и мачените, и жртвата која тие ја дале во име на слободата, правдата, и зачувување на националниот дух.

 

поврзани објави

Последни објави