Географски најблиску, дипломатски најдалеку. Вака во четири збора можат да се опишат македонско – бугарските односи во последните неколку години. Она што Груевски не успеа да го направи во 11 години, новиот македонски премиер Зоран Заев успеа да го стори по само 20 дена по преземањето на премиерската функција. Тој вчера заедно со владина делегација беше во посета на нашиот источен сосед Бугарија. За македонецот таквата посета беше невобичаена и чудна бидејќи веќе долго време не сме навикнати да слушаме позитивни пораки и да преземаме позитивни чекори заедно со нашиот источен сосед.
Ако на Груевски не сакаше ниту добар ден да му каже, на Заев, бугарскиот премиер Бојко Борисов му пренесе дека Бугарија е голем пријател на Македонија кој сака да помогне да се отвори патот на Македонија кон ЕУ и НАТО.
Тој преку македонскиот премиер испрати поздрави до сестринската партија ВМРО-ДПМНЕ во Македонија. Посетата на Заев но и најавата за заедничко чевствување на Илинден во Македонија ги загрижи „револуционерите“ во Македонија скриени под фустанот на Белград односно Југославија кои во изминатите 11 години секоја врска со Бугарија ја сметаа за татарство и „национално предавство“. Тоа се истите оние кои 11 години ширеа омраза спрема нашите соседи, прикажувајќи не како жртви кои сите други ги мразат и создавајќи слика дека ЕУ е пред распаѓање.
Еден од оние кои беа шаканирани од медиумите блиски до ВМРО ДПМНЕ и луѓе блиски до СДСМ е и Љубчо Георгиевски кој беше единствениот македонски политичар кој храбро ја отвори темата за македонско – бугарските односи. Она што Георгиевски го зборуваше одамна, веќе години наназад а што звучеше неприфатливо за увото на дел од обичниот македонски граѓанин, кој хранет од пропагандната машинерија, брзо го прогласи Георгиевски за “Бугарин” и “предавник”, денес е државничка надворешна политика на Република Македонија.
Затоа, по однос на ова прашање, денеска е фер да оддадеме почит за потегот на македонскиот премиер, но и да не заборавиме кој македонски политичар прв пред целата јавност се изложи себеси на секакви критики и навреди, поради својот отворен пристап кон Бугарија и Бугарскиот народ. Заврши приказната дека Европската држава ќе се распадне. Напротив, Европската држава ќе стане мегадржава, а Македонија може да стане дел од таа држава најпрвин доколку има поддршка од своите соседи кои се дел од европското семејство.