fbpx
5.8 C
Skopje

Влада на РМ: Финансиска помош од по 6 денари за килограм за производителите на праски

АКТУЕЛНО

Владата на Република Македонија денеска ја одржа 8-та седница, на којашто, како што се наведува во соопштението од секторот за односи со јавност, се донесени одлуки во интерес на оштетени земјоделци, за заштита на пари на граѓаните од злоупотреби поради индиции за незаконски одлучувања во време на претходната Влада, како и за обезбедување услови за реализација на УЕФА Супер купот летово во Скопје, за што се наследени сериозни пропусти.

Владата на Република Македонија, се посочува во соопштението, донесе одлука за дополнителна финансиска поддршка на земјоделците – прозводители на праски со слаб квалитет.

– Станува збор за финансиска поддршка на производителите на праски, со откупна цена до 5 денари, што во периодот од 12.06 – 30.06 ќе се искористат во преработувачките капацитети. За да им помогне на овие земјоделци, Владата одлучи да обезбеди дополнителна финансиска поддршка за праските со ниска цена поради лошиот квалитет, од по 6 денари по килограм, се наведува во соопштението владината прес-служба.

Владата на денешната седница констатирала дека во предизборниот период Генералниот секретаријат на Владата донел одлука за финансирање здруженија и фондации со средства од Буџетот во висина од околу 50 милиони денари или 850 илјади евра.

– Поради постоењето сериозни индиции за злоупотреби на пари на граѓаните, Владата го задолжи Генералниот секретаријат да ги преземе сите потребни чекори за запирање на постапката за распределба средства од Буџетот на овие здруженија и фондации. Одлучено е да се извести Државниот завод за ревизија да ја преиспита претходната одлука за доделувањето на овие средства, а доколку постои основ за злоупотреби, да се отвори истрага за обид за ненаменско трошење буџетски пари, стои во соопштението.

Владата одлучи да му наложи на Надзорниот одбор на ЕЛЕМ да ја поништи одлуката за распишаната јавна набавка за опрема за ископ на јаловина во висина од 34 милиони евра и за тоа да биде известена. Во соопштението се посочува дека оваа одлука се носи со оглед дека постојат сомневања и за злоупотреби при распишаниот тендер од страна на ЕЛЕМ.

– Владата на Република Македонија ќе поддржи обезбедување сопствена механизација на ЕЛЕМ, наместо долгогодишните користења механизации од надворешни фирми, за што се трошени огромни суми пари на граѓаните, но за конкретниот случај има сериозни индиции за тендерски пропусти и фаворизирања фирми поради што се презема овој чекор, стои во соопштението.

На денешната седница на Владата констатирани се сериозни пропусти од страна на АД за стопанисување со станбен и деловен простор и на претходата Влада, во реализацијата на преземената обврска за одржување на УЕФА Супер купот 2017 на Арената Филип 2, со оглед дека стадионот не е подготвен согласно бараните стандарди на УЕФА.

– Задолжен е Генералниот секретаријат на Владата на Република Македонија, во соработка со другите надлежни министерства да ги преземе сите потребни мерки во рок од три дена и да изнајдат начин за одржување на УЕФА Супер купот, за што, како што е најавено УЕФА ќе дојде во Скопје на 21 јули да ги провери условите за одржување на натпреварот меѓу Манчестер Јунајтед и Реал Мадрид, се посочува во соопштението.

Владата на седницата одлучила, како што се наведува, да дозволи мирољубив влез на вооружени сили од САД, за вежбовни активности на Криволак. – Станува збор за прва ваква вежба во Македонија и можност нашата држава да покаже логистичка подготвеност за одржување и други вакви регионални вежби во иднина што се оценува дека е добар сигнал и во рамки на НАТО аспирациите на Македонија, соопшти владината прес-служба.

Владата на Република Македонија на денешната седница ги задолжила министрите да ги декласифицираат сите информации за службени патувања и репрезентации коишто претходните нивни колеги ги воделе како класифицирани и истовремено и тие да постапуваат според оваа одлука на Владата, освен ако не станува збор за информации што мора да останат заштитени по сила на закон.

ПОСЛЕДНИ ОБЈАВИ

- Advertisement -