3.8 C
Skopje
Wednesday, November 27, 2024

Германското село што го промени текот на војната

Германскиот остров Узедом е познат по песочните плажи, fischbrotchen (локален сендвич со риба) и мирните приморски гратчиња како Херингсдорф. Малото одморалиште било омилено место за одмор на пруското кралско семејство, а подоцна и источните монарси. Во периодот 1936-1945 г. нацистите окупираат едно селце на островот со мрачни цели.

Пенемунде се наоѓа во устието на реката Пеене, таму каде што таа се влева во Балтичкото Море. Во 1935, инженерот Вернер фон Браун го избира селцето, бидејќи истото нуди 400 километри територија за тестирања крај германските брегови, како совршено тајно место за развој и тестирање на проектили.

Почнува френетичната изградба на најголемиот современ центар за воведувања на ново вооружување. Околу 12 000 лица работат на првите во историјата крстосувачки проектили. Истражувањата извршени во Пенемунде, не само што се решавачки за развојот на најголемата војна во историјата, но и влијаат на иднината на оружјето за масовно уништување, како и на вселенските летови.

Сега единственото што останало од комплексот, е старата централа во која се наоѓа Историскиот технички музеј на Пенемунде. Цврстата правоаголна зграда со рѓосан оџаци и модели на ракети, расфрлани низ музејот, создава застрашувачки впечаток. Во музејот можат да се видат стари документи, ракети и разноразни реликвии од времето на Втората светска војна.

Шеф на ракетната програма е Валтер Дорнбергер. Во ракопис од 1942, Дорнбергер пишува дека неодамнешното успешно лансирање на Aggregat 4 (A-4) – првата во светот ракета со голем опсег, инаку позната и како V2, или ‘Оружјето на одмазда’ – е „сонот на секој инженер“. Според Дорнбергер „целта е да се развие еден уред кој како еден од најпознатите револуционерни пронајдоци во последните години, ќе и обезбеди на неговата држава воена, економска и политичка супериорност.“

Додека раководителите на програмата, како Дорнбергер и фон Браун, како и основни лица од нацистичкиот режим како Алберт Шпеер, кој бил задолжен за воените градби во Пенемунде, веруваат дека ракетите ќе бидат од основна важност за победата во војната, еден човек останува скептичен: Хитлер.

Центарот во Пенемунде не е целосно завршен, кога Хитлер ја почнува војната во 1939 година Затоа, по првично најавеното неограничено финансирање на ракетната програма почнува борбата за приоритетите, инжњерниот кадар и материјалите. Дури откако Дорнбергер и фон Браун покажуваат на Хитлер филм со успешното лансирање на A-4 тој конечно го дава конечното одобрување за производство на оружјето.

Во јуни 1943, 2500 заробеници од нацистичките логори се испратени да помагаат во планираното сериско производство на ракетата. Зачуваните списоци со имиња откриваат дека заробениците доаѓале главно од окупираните Франција Белгија и Холандија.

Приближно во истото време, во текот на летото на 1943, британското разузнавање ја сфаќа важноста на Пенемунде. Разузнавачките летови и воздушните снимки го покажуваат развојот и производството на германското оружје со голем досег. Во ноќта на 17 август, британските военовоздухопловни сили ја реализираат операција „Хидра“ – најголемата британска воена акција против една воена цел во Втората светска војна. Иако бомбардирањето во целина е неуспешно, тоа го забавува производството и води до пренесувањето на центарот под земја во Мителверк, во централна Германија.

Во 1944-та, Хитлер ја сфаќа својата грешка и го изразува своето жалење пред Дорнбергер затоа што не го одобрил проектот порано : „ Сум се извинил само на двајца луѓе во текот на целиот свој живот. Првиот беше фелдмаршал фон Браухич. Не го послушав кога ми велеше одново и одново колку важни се вашите студии. Вториот човек сте вие. ”

Но крајот на војната не го означува крајот на работата во Пенемунде. По војната сојузничките сили се трудат да дојдат до технологијата на A-4 / V-2, првата ракета со голем голем досег. На германските експерти за развој на ракетите и инженерите кои работеле за нацистичкиот режим се предложени државјанство и работа во СССР, Велика Британија, Франција и САД. Најпознатиот од нив – фон Браун, заминува во САД и работи за НАСА.
Денес музејот е домаќин на концерти, изложби и други уметнички перформанси. Во 2002-ра, музејот ја доби наградата Coventry Cross of Nails за своите активности со цел достигнување на  глобален мир и светски развој.

поврзани објави

Последни објави