Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов денеска му го врачи мандатот за состав на влада на лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Никола Груевски, кој сега има 20 дена да направи коалиција со албанските политички партии со цел да добие повеќе од 61 пратеник.
Партиите на Албанците во Македонија објавија заедничка платформа за преговори за состав на новата Влада. Клучот за формирање на Влада е прифаќање на условите поставени во платформата на албанските политички партии ДУИ, Алијансата за Албанците и БЕСА.
За да може да формира влада, претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Никола Груевски треба да ги прифати условите, каде се бара дебата за промена на химната, грбот и знамето, формирање на ново Министерство, унапредување на раководни функции на Албанците во безбедносните служби. Сепак, најважното барање ставено на маса е официјализирање на албанскиот јазик на ниво на втор официјален јазик во земјава и тоа пред да биде изгласана нова влада.
Сепак, од страна на Алијанса на Албанците и БЕСА, велат дека нема да прифатат формирање на влада со Груевски, бидејки тој е осомничен од Специјалното јавно обвинителство за криминал.
„Алијансата за Албанците нема да учествува во составувањето на новата влада ако мандатор е Никола Груевски, осомничено лице од СЈО“, вели Зулфи Адили од Унитети, партија која е дел од Алијансата за Албанците во изјава за „Фокус“ по веста дека Иванов денеска ќе му го додели мандатот на лидерот на ВМРО – ДПМНЕ.