fbpx
6.8 C
Skopje

ВМРО не е сцена за треторазредни актери

АКТУЕЛНО

(Предизвикан одговор на еден непромислен став на актерот Сашо Тасевски)

Ако некогаш помеѓу секојдневните обврски ви остане време да се запрашате за што се бореа вашите претци припадници на ВМРО, јас можам да ви го дадам наједноставниот одговор, а имено, за да можат едни недоквакани ликови (кои си мислат дека се некои и нешто во државава) да си ги лечат комплексите.

Радувај се народе, Македонија го има својот нов Бранко Тричковски. Новата верзија (како што е модерно да се вели) е за сиромашни и се вика Сашо Тасевски. Сè работи за актерот познат по своите stand up настапи, книгите за онанисти и воајери и написите против Груевски и ВМРО, ама не ДПМНЕ, туку она староно ВМРО.

Дотичната персона си зеде за право да соли памет и да дели етикети за работи и луѓе за кои во најмала рака прочитала, но недочитала нешто. Со ризик да му направам реклама на Тасевски, би сакал да му се обратам со збор два по темава. Ме чешаат прстиве, а воедно со тоа и сакам да им ставам до знаење на сите дека јас и моите соборци за напредна и праведна Р. Македонија нема да молчиме, кога некој-никој се дрзнува да удри по темелите на македонската држава.

Г-не Тасевски, ако сте сакале, сте можеле да најдете материјали за активностите на ВМРО по 1919 г., а исто така и на старата БМОРК (ВМОРО,ТМОРО) која го кренала Илинденско-Преображенското востание и била водена од плејада македонски и одрински револуционери пред кои вашата личност е навредливо ништожна. Кој сте вие и што направивте за оваа земја, па си зедовте за право да ги коментирате Александров, Протогеров, Михајлов и нивните знајни и незнајни соработници? Тие кревале востанија, го описменувале и штителе населението во географските граници на Македонија. Тие извршувале атентати врз џелатите духовни и физички на истото тоа население, без разлика на неговата етничка припадност. Тие пишувале историја, а вие пишувате литература за побрзо олеснување во тоалет. Има разлика нели? Затоа ве повикувам, „бисерите“ со кои сакате да и се допаднете на новата владејачка гарнитура да си ги зачувате за на маса, за време на некоја пијанка со вашите најблиски другари. Не ви стои како уметник да се изразувате како кочијаш. Не е лошо да си ги средите хормоните, да го смените дилерот или пак да отидете на одмор. Прочитајте и некоја книга, оти за пишување и не сте некоја величина, па макар и да сте најпродаван автор на булевардна литература во Македонија.

Црнилата за кои зборувате, инаку ја дадоа и првата химна на Македонија (онаа забранетана, од вашите идеолошки татковци- слугите на Јосип Броз). Во таа химна г-не Трич… се извинувам Тасевски се пее за свобода и за херојство, работи што беа забранети во времето кога идеолошките непријатели на тие што ги нарекувате „рекетари“ владеа со нашата земја. Црнилата за кои зборувате се „ситните“ куршуми за непријателите на делото и сите тие кои работеле потплатени од туѓи влади, против исконскиот сон на Македонецот- Независима Македония.

Вие и вашите духовни татковци по се изгледа имате паничен страв од независноста. Секогаш сте ја гледале Македонија во склоп на нешто, без разлика дали се работи за Балканска федерација (сетете се на авантурите на бизим Јане, ортакот на Турците) или за Федерација на југословенските народи (Бато, Чашуле, Марина и нормално Лазо, кој ако не знаете му се молел на бугарскиот цар Борис III, да му ја одмени смртната пресуда). Ќе си помислам дека имате некаков внатрешен проблем и вашиот одбранбен систем не ви дозволува да најдете барем нешто заедничко со оние кои не се молеле туку гореле без страв, туку упорно ги повторувате мантрите на духовните џуџиња кои на грбот на џиновите од ВМРО ја изградија својата политичка, научна и друга кариера.

Филмот ви е многу евтин. Сценариото ви е бајато, приказнава ви е излитена, ама изгледа толкав ви е капацитетот. Толку можете. Со овие мои редови упатени кон вас, не би сакал да ве убедувам во ништо, чим вие како уметник и творец не сте созреале да бидете авангарда бидете папагал, тоа си е ваш проблем. Мојата поента е друга. ВМРО никогаш не останувало должно никому. Комитите секогаш ја наплатувале вересијата (опеано е и тоа во песните). Вие удривте по моите предци и по предците на моите соработници, а јас по стара вмровска традиција ви го враќам гестот. Ако пред едно 80-90 години долговите се решавале со револвер, денеска се наплатуваат со пишан збор, оти и ние наследниците на „рекетарите“ не остануваме должни никому.

PS: Не сте свесен колкава среќа имате што не сте биле роден и не сте делувале со истиот памет во времето кога низ нашата мила Македонија оперирал Мирчо Кикиритков. Кој е Мирчо Кикиритков ли? Тоа е надоградената верзија на Андон Ќосето.

Пишува: Атанас Величков

ПОСЛЕДНИ ОБЈАВИ

- Advertisement -