Владата на Република Македонија доцна синоќа на посебна владина седница го прифати Извештајот за извршените преговори за текстот на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија и го прифати усогласениот текст на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија.
Владата донесе одлука со којашто се определува претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, да го потпише Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија.
Пред една недела по завршувањето на затворената седница на собраниската Комисија за надворешна политика на која се презентираше Нацрт-договорот за добрососедство, премиерот Зоран Заев изјави дека се надева договорот да биде потпишан до 1 август оваа година.
Договорот за добрососедство ќе стапи во сила откако ќе биде ратифициран од страна на македонскиот и бугарскиот парламент.