Ние Србите не сме тројански коњ на руските интереси во Европа, иако ги цениме поддршката и односот на Русија кон нашите интереси, изјави српската министерка за европски интеграции Јадранка Јоксимовиќ во интервју за весникот „Вечерње новости“.
Во врска со литванското барање за преиспитување на политиката на проширување на ЕУ кон некои земји „кои преговараат за членство, а учествуваат во воени вежби со Русија“, Јоксимовиќ изјави дека на тоа треба да се гледа во контекст на фактот што некои држави, пред се балтичките, имаат поинаков однос кон Москва во контекст на сопственото историско минато,
– Сепак мислам дека повеќето земји членки на ЕУ имаат разбирање за нашата поразлична политика. Од друга страна ние сме имале многу повеќе заеднички воени вежби со земјите од ЕУ и со НАТО, отколку со Русија, истакнува Јоксимовиќ.
Таа во интервјуто потсетува и на изјавата на претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск дека „вратите на ЕУ ќе бидат отворени за Србија, кога земјата ќе биде подготвена да влезе во нив“.
– Тоа знечи дека политиката на проширување не е завршена, иако многумина сакаат работите да ги прикажат на поинаков начин. Државите од ЕУ исто така имаат корист од нови членки, бидејќи тоа не е едностран процес од кој полза има само новата членка, додава Јоксимовиќ.
Осврнивајќи се на резултатите од една анкета која покажува дека 25 проценти од српските граѓани сметаат дека ЕУ постојано нешто бара од Србија, Јоксимовиќ вели дека никој на ништо не го принудува Белград и дека европската интеграција е негов сопствен избор.
– Не е во интерес на Србија да ја спроведува политиката не сакаме ништо, не сакаме никаде и не сакаме никого, ако се има предвид дека земјата од сите страни е опкружена со држави челнки или кандидати за членство во ЕУ, додава Јоксимовиќ во интервјуто за „Вечерње новости“.