Страницата за љубители на животни „Petsies“ спроведе истражување на примерок од 1000 луѓе, за да дознае кои се животните што ни носат најмногу поени при запознавањето со спротивниот пол. Бидејќи мачките и кучињата се најчестите домашни миленици во светот, ова истражување се базирало само на нив.
Во текот на истражувањето, на испитаниците им биле прикажувани фотографии на кои потенцијалните партнери држат куче или мачка, забележувајќи притоа колку се зголемува, односно намалува нивната привлечност во очите на другата страна.
Според резултатите од истражувањето, жените им биле за речиси 7% попривлечни на мажите, доколку на фотката имале куче со среден раст. Возрасно куче со мал раст им ја зголемува привлечноста за 3,5%, малечко кученце за 2,9%, а куче со голем раст за 2,6%.
Од друга страна, мажите кои држеле малечко кученце во своите раце, биле за дури 23,8% попривлечни кај припадничките на понежниот пол. Ако имале возрасно куче со мал раст, нивната привлечност била поголема за 3,4%, со среден раст исто така 3,4%, а само за 1,8% со куче со голем раст.
Од некоја причина, мачките немаат ист ефект како кучињата, барем кога е привлечноста на нивните сопственици во прашање. Мажите со возрасна мачка се попривлечни за 4,8%, додека тие со мало маче за 3,7%.
За разлика од нив, мачките не им носат поени на жените. Напротив, дури им одземаат. Тие се за 0.1% помалку привлечни во случај да имаат возрасна мачка, а малото маче им носи предност за само 0.4%. Ќе престане ли некогаш стигмата за лудите жени со мачки?
Доколку сте жена и ви значат ваквите истражувања, тоа значи дека би требало да ја промените својата профилна фотка со мачка, па наместо неа, да си поставите некоја со куче, по можност мало или со среден раст.
Или, едноставно да занемарите сè, надевајќи се дека ќе пронајдете некој што ве сака баш такви какви што сте, независно од видот и големината на вашиот домашен миленик.