Пред споменикот на великанот Гоце Делчев кој пред повеќе од еден век знаеше дека ќе удри утринска зора и за нас, пред сегашните и идните генерации, од името на граѓаните на Република Македонија изразувам одлучна верба за јасна иднина. Има светла иднина за нашата Република Македонија. Историјата и минатото ги ставивме да бидат цврсти темели на кои што почнавме да ја градиме европската иднина на Република Македонија. Го послушавме Делчев. Тој рече дека не се губи времето. И се здруживме. Ги подадовме рацете меѓу нас и создаваме пат за развој. За развој се потребни се доброволни подадени раце на граѓани и народи кои се поддржуваат и чекорат стабилно напред.
Нашите генерации минаа низ предизвици и се бореа за правда, слобода и за човечки животи. Тргнати сме чекор понатаму. Патот за РМ е конечно отворен. Бидете сите горди на овој успех. Успехот не е на еден човек. Застанавме сите заедно Македонци, Албанци, Турци, Власи, Роми, Бошњаци и други. Успехот не е на една група. Тој е на сите, без разлика на вера, етничка припадност, пол или убедување. Успехот е на оваа наша Македонија, рече премиерот на Република Македонија Зоран Заев од Крушево во своето обраќање по повод големиот празник Илинден.