Рускиот премиер Дмитриј Медведев изјави дека законот што го потпиша американскиот претседател Доналд Трамп, со кој се воведуваат нови санкции кон Русија, става крај на надежите за подобрување на односите меѓу двете земји.
– Администрацијата на Трамп демонстрира целосна слабост откако извршната власт ја предаде во рацете на Конгресот на најдеградирачки начин, напиша Медведев на Фејсбук.
Тој додаде дека на Русија и е објавена трговска војна.
– Тоа е опасна и кратковидна политика, способна да ја поткопа стабилноста (во светот), за која Москва и Вашингтон имаат одговорност. Веќе покажавме дека нема да дозволиме неодговорни непријателски акции и го задржуваме правото да преземе соодветни мерки, се посочува во соопштението од руското Министерство за надворешни работи.
Москва апелира до Вашингтон „да се ослободи од илузиите и да сфати дека никаква закана ниту обид за вршење на притисок нема да ја натераат Русија да ја смени сопствената политика или да ги жртвува националните интереси“.
Трамп го потпиша законот за нови санкции кон Русија со кој најмногу ќе биде погодена руската економија.