fbpx
2.3 C
Skopje

Мицкоски: Народот не го поддржува Договорот со Бугарија

АКТУЕЛНО

„ВМРО-ДПМНЕ има политички став дека неодговорната влада на Социјалдемократскиот сојуз потпиша штетен договор со Република Бугарија.

Овој договор не ги задоволува националните интереси на Република Македонија. Народот не го поддржува овој договор, а стручната јавност има сериозни забелешки на неговиот текст.

Договорот вака конципиран и потпишан има сериозни недостатоци, и веројатно последиците од неспособноста на владата на Зоран Заев, Република Македонија ќе ги трпи во подолг временски период. На тој начин сите ние, граѓаните, ќе бидеме во состојба на хаос и неизвесност.

Во овој договор, имаме срамна формулација за дефинирање на македонскиот јазик, немаме симетрија на правата и обврските што значи дека договорот не е еквивалентен.

Со договорот не се дефинира македонскиот народ како реална и идентитетска посебност, а Зоран Заев срамно и недостојно се откажува од грижата на македонското национално малцинство.

Договорот предвидува опасна можност за промена на македонските учебници и останатите идентитетски обележја кои што се дел од нашето историско наследство.

Она што е особено проблематично е што со овој договор Република Бугарија ќе има можност да го преиспита однесувањето на Република Македонија на целокупниот наш пат кон Европската Унија, бидејќи Заев прифати тие да имаат можност да не дозволат отворање на ама баш секое поглавје од преговорите за членство доколку не се исполнат нивните цели и позиции. Тоа значи нови проблеми и нови последици за Република Македонија. И за ова е одговорен и ќе биде одговорен исклучиво господинот Зоран Заев!

Во Бугарија договорот се слави, а во Македонија, граѓаните имаат чувство на пораз и незадоволство, што беше многу видливо од прославите на Мечкин Камен и Пелинце каде што Социјалдемократскиот сојуз остана без народ. Народот прати јасна порака дека ова што го прави Социјалдемократскиот сојуз е недостоинствено и погрешно.

Ние немаме ништо против Република Бугарија, напротив мислиме дека Република Македонија и Република Бугарија треба да ги унапредат добрососедските односи на вистинско и на обострано задоволство и интерес, а македонскиот народ и бугарскиот народ да го унапредат пријателството и соработката.

ВМРО-ДПМНЕ за оваа тема имаше и има долгогодишни, принципиелни и аргументирани позиции и ставови, и забелешки и предлози за подобрување на текстот на договорот, во насока на фер и квалитетно решение. Но Социјалдемократскиот сојуз не сакаше да се ангажира и да поработи на позитивен резултат. И затоа имаат одговорност. Базирајќи се на нашите ставови верификувани од Централниот комитет, ВМРО-ДПМНЕ нема да даде поддршка на овој договор.

Бараме од Социјалдемократскиот сојуз да се повлече. Не е доцна, минута до 12. Апелираме на совеста на пратениците на Социјалдемократскиот сојуз да не го поддржат овој договор. Не е доцна, вие пратениците од Социјалдемократскиот сојуз имате обврска и кон вашите предци но и кон вашите деца. Однесувајте се одговорно барем вие, оставете го господинот Зоран Заев сам на овој случај.`

Доколку тоа не го направите ќе останете на темните страници на историјата на Македонија, а Социјалдемократскиот сојуз многу брзо ќе сноси политичка одговорност, многу брзо уште на локалните избори, ние заедно со народот ќе ве поразиме и ќе ве делегитимираме, за да може да победи Република Македонија!“, изјави Христијан Мицкоски, генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ.

ПОСЛЕДНИ ОБЈАВИ

- Advertisement -