Во канцеларијата на ФК Вардар стигна одлука од УЕФА по која Вардар е казнет со парична казна од 22.000 евра, поради непочитување на правилникот на првиот натпревар од третото квалификациско коло од ЛШ против Копенхаген, одигран на „Телеком Арената“ во Скопје.
ФК Вардар е казнет по следните точки според правилникот на УЕФА:
1. Седење на скали и попречување на движење на публика;
2. Употреба на пиротехнички средства;
3. Вадење на националистички знамиња на јужната трибина во блок број 4 (фронт и неонацистички крст).
Фудбалскиот клуб Вардар и претходно е казнет од страна на УЕФА за натпреварот од второто квалификациско коло против Малме одигран во Струмица со 55.000 евра, поради:
1. Фрлање на предмети на теренот од трибините;
2. Инцидент меѓу гледачите;
3. Блокирање на скали и попречување на движење на публика;
4. Недолично навивање, скандирање против УЕФА;
5. Користење на пиротехнички средства.
Тоа значи дека вкупната казна на ФК Вардар до сега за европските натпревари изнесува цели 77.000 евра.
Очигледно дека апелите од Фудбалскиот клуб Вардар за натпреварот во Копенхаген не дадоа плод, и нашиот клуб повторно заработи казна од УЕФА. Овие казни само му наштетуваат на клубот, на неговото реноме, и носат опасност во иднина европската куќа на фудбалот да превземе и подрастични мерки (празнење на целиот стадион, поголема парична казна) со што клубот би претрпел огромни загуби.
Пред натпреварот со Копенхаген секојдневно апелиравме да нема скандирања против УЕФА, да има фер и коректно навивање без националистички пароли, меѓутоа сето тоа не наиде на почит и разбирање од страна на дел од навивачите присутни на блокот број 4, и повторно настанаа проблеми кои резултираа со санкции.
Зарем треба да дозволиме УЕФА да превземе уште подрастични мерки против нашиот клуб? Зарем треба да дозволиме да ги играме пред празни трибини европските натпревари кои што со нетрпение и во текот на целата година ги чекаме? Затоа уште еднаш апелираме, и ќе апелираме на коректно навивање на следниот натпревар со Фенербахче, во спротивно и понатаму ќе добиваме санкции кои му носат огромни загуби на клубот и на оние кои што сакаат вистински да уживаат во натпреварите и во европските настапи на ФК Вардар.
Едноставно правилата на УЕФА се строги и истите мора да се разберат и да се почитуваат. Овие европски натпревари се разликуваат по многу од домашните мечеви, и бараат многу внимание. Згора на тоа неколку пати напоменавме дека на дуелот со Копенхаген ќе бидат сите високи функционери на УЕФА кои што се подготвуваат за мечот од Супер-Купот кој ќе се игра во Скопје на 8 август.
Затоа уште еднаш апелираме да се прекине со недолично навивање, со скандирања против УЕФА и со националистички скандирања. Да се прекине со фрлањето на предмети и користењето пиротехнички средства. Да не дозволиме да продолжи казнувањето на Вардар, и да покажеме респект кон сите актери на теренот, кон УЕФА. Овие натпревари треба да бидат празник на фудбалот, и место за уживање, а не место за инциденти, национализам, расизам и место каде што ќе се употребуваат разни пиротехнички средства.
Се надеваме на разбирање и на сфаќање на сериозноста која ги носи овие натпревари, а за кои и секоја најмала грешка скапо се плаќа пред УЕФА. Ние сите сме Вардар. На Вардар му треба поддршка, меѓутоа целта ќе ја исполниме само со навивање и однесување согласно со правилата и прописите. Вардар заеднички го градиме, и само заеднички можеме да ги отстраниме грешките и тие појави на поединци кои што не носат корист, но само штета на нашиот и Ваш омилен клуб, стои во соопштението на Ф.К. Вардар.