Зинедин Зидан имаше збор на денешната прес-конференција во Скопје веднаш по изјавите на двата капитени на Реал Мадрид (Рамос и Марсело), а како што можеше да се очекува, најпоставувано прашање беше она за Кристијано Роналдо и неговото ненадејно вклучување во ростерот за овој Суперкуп меч.
Најавите на шпанските медиуми велеа дека Роналдо сигурно ќе го прескокне фудбалскиот спектакл во Скопје, но Зидан ова утро ги демантираше сите откако го вклучи Португалецот во составот на играчи кои имаат шанса да настапат против Манчестер Јунајтед.
Зидан не потврди дали Роналдо ќе игра на утрешниот натпревар, но потенцираше дека е посебно импресиониран од тоа што Кристијано е физички подготвен како во финалето во Лигата на шампионите, без разлика што беше надвор од тренажен процес повеќе од еден месец.
– Добро е што е тука, тоа е најважно, ќе видиме дали ќе игра. Навистина ме импресионира тоа што физички е подготвен како во финалето на Лигата на шампионите. Работите ќе зависат од тоа како се чувствува во моментот, што се однесува до мене како играч, ако тренирав само два дена ќе сакав да играм на еден ваков меч. Одлуката е моја, но уште не е позната, – истакна Зидан, додавајќи дека топлото време во Скопје не е предност за неговиот тим.
– Не очекувам временските услови да бидат предност за Реал. За време на претсезонските натпревари игравме на жешко време во Америка. Вистина е дека температурата е слична како во Мадрид, но тоа не е наша предност, – заклучи Зизу.
Извор: Derbi.mk