25.8 C
Skopje
Friday, July 11, 2025

Скопско ЕХО: Како Скопје се претстави за време на Супер Купот?

Најновиот 35-ти број на „Скопско Eхо“ веќе се дели низ македонската метропола. Овој пат ударна тема е:

Kaко Скопје се претстави за време на Супер Купот?
НЕ ДОАЃАМ ПОВТОРНО, ЗА КРЕВЕТ ВО ХОТЕЛЧЕ МИ НАПЛАТИЈА ПОСКАПО И ОД „МЕРИОТ“

Кога дојдов да го земам ваучерот за хотелот во Скопје се шокирав оти ми рекоа дека за четири вечери треба да платам 400 фунти. А кога резервирав пред неколку месеци ми рекоа дека сместувањето ќе чини по 30 фунти заради што и прифатив. Морав да прифатам иако знам дека е прескапо. Сега, во Скопје ми кажаа дека тоа хотелче е поскапо од најскапиот хотел во градот „Мериот“ . Инаку, Скопје е убав град, би дошол пак, но ако вака се прави со цените не би дошол. Тоа значи дека не држите до збор, разочарано ни зборуваше 60-годишниот Стивен Дермот, од Манчестер, еден од бројните навивачи кој завчера го гледаше Супер куп натпревар меѓу Манчестер јунајтед и Реал. Неговото искуство само го потврди она што последниве недели стави голема темна дамка на големиот спортски настан кој УЕФА му го довери на Скопје. Тој беше и голема шанса за афирмација на Скопје како спортска и туристичка дестинација. Сега, откако натпреварот заврши и организацијата се покажа како добра, треба сите да се запрашаме што добивме, а што изгубивме со ваквото однесување на некои угостители. Загребските медиуми цело време му љубомореа на Скопје за добиената шанса да се презентира во светот. Ја искористивме ли? Ќе добие ли нашиот град пак шанса да организира сличен спортски настан кој носи и огромен профит за угостителството, туризмот… ?
Веќе сега е извесно дека драстичното зголемување на цените на сместувањето на странските навивачи кое го сторија некои скопските угостители направи голема штета. Први на тоа реагираа навивачите на Манчестер јунајтед.
– Хотелите почнаа да ни бараат дополнителни 500 до 900 фунти за резервациите кои веќе сме ги направиле по одредена цена. Сме биле и во други земји но никаде не сме платиле толкава сума. Ова е скандалозно – изјавија за британски „Мирор“ навивачите Ник Хорн и Џозеф Дреин.
И така, тргна лошата слика за Скопје во британските медиуми кога пред два месеца наголемо пишуваа како цените на сместувањето за едно лице во хотел во Скопје достигнуваат 2.000 – 3.000 евра, а што е значително поскапо и од луксузниот хотел „Мериот“ во центарот на градот чија деловна политика не дозволува вакво скандалозно манипулирање со цените.
– Околу 400 навивачи на Реал решиле да се сместат во Софија и со автобус да дојдат на натпреварот. Како навивач можам да кажам дека во секој град кој организира вакви натпревари драстично поскапуваат цените. Во Милано хотелите беа и до 2.000 евра па се сместивме 100 км. подалеку – ни изјави Ташко Гуџов навивач на Реал од наша земја.
Сепак, како се доближуваше денот на натпреварот скопските хотелиери и станоиздавачи сфатиле дека направиле грешка која се обидоа да ја поправат.
– Ние двајца за еден стан што го изнајмивме пред дваесетина дена за три вечери ќе платиме 225 евра. А и цените на пивото не се скапи. Убаво ни е тука, се радуваме што сме дојдени, ни изјавија Том и Мајкл, навивачи на Манчестер додека пиеја пиво во фан-зоната во центарот на градот.
И навивач на Реал Мигел Алавеш, од Андалузија, ни рече дека не платил прескапо:
– Пред недела дена најдов хостел во близина на самиот стадион каде плаќам по 50 евра за спиење. Толку е и кај нас и не ми е прескапо како што се зборуваше.
Двајца Унгарци од Будимпешта Ласло и Золтан ни рекоа дека нашле прифатлива цена за изнајмен стан.
– Се беше скапо по хотелите. Ни бараа стотици евра за една вечер и не можевме да прифатиме. Успеваме да најдеме стан за нас четворица по цена од 220 евра за вечер. Скопје ни се допадна, веќе планираме да одиме на Матка и на други места кои се препорачуваат – ни рекоа тие.
Непосредно пред натпреварот, пред стадионот, сретнавме и дваесетина навивачи дојдени од Дубаи.
-Дојдовме со авион, специјално за овој натпревар, не сакавме ни по која цена да го пропуштиме, за цените не прашувавме, ни рекоа тие.
Инаку, популарните скопски кафулиња останаа коректни и барем од она што можеше да видиме не ги зголемиле цените на своите услуги така што пијалоците се продаваа по редовни цени. За жал, гостите во скопските кафулиња беа честа мета на бројните питачи кои влегуваа внатре и застануваа пред масите барајќи пари и ставајќи ги гостите во непријатни ситуации.
Добро е пак тоа што веќе изутрината по натпреварот, улиците и главниот градски плоштад по кои врвеа илјадници навивачи беа исчистени.

Револтиран црногорски бизнисмен преспал кај македонски партнер
На црногорскиот бизнисмен кој често доаѓа во Скопје му се случило да му побараат десеткратно повеќе пари во хотелот во кој, инаку, редовно отседнувал.
– Таму спијам често и цената е секогаш 40 евра. Сега дојдов за фудбалот, но ми рекоа дека треба да платам 350 евра, а што е скандалозност која не сакав да ја прифатам. Мојот деловен пријател исто се разочара од постапката на хотелот и ми понуди кај него дома да престојувам. Во тој хотел веќе нема да доаѓам – ни рече тој.

Бесплатно сместени десет фан групи
Иницијатива за бесплатно сместување на навивачите која ја покренаа членовите на We Talk iT преку интернет успеа да смести десет фан групи од добиени 80 побарувања за сместување. Имале 125 кревети на располагање.
– Ние бевме револтирани од односот на хотелијерите и решивме директно да се спротивставиме. Успеавме да сместиме неколку навивачки групи. Можеби иницијативата беше малку задоцнета но сепак направивме нешто – ни рекоа Филип Кордановски и Александар Димитровски, кои ги понудија своите соби.

УЕФА ни се заблагодари, лекцијата трае
„Благодариме Скопје. Фантастичен домаќин на Суперкупо на УЕФА во 2017 година“ – објави на својот официјален Твитер-канал Европската фудбалска федерација. По овој успешно положен тест Скопје сега се надева на нова шанса повторно да организира слишен спортски спектакл. Ќе го добие ли зависи и од лекциите кои ги добивме деновиве.

СКОПСКО ЕХО

Целиот текст може да го прочитате во неделникот „Скопско Ехо“

поврзани објави

     

Последни објави