11.8 C
Skopje
Thursday, November 28, 2024

Исповед на еден „ѓавол“: Спиев на клупи и позајмив пари поради Јунајтед и Скопје!

Љубовта кон омилениот клуб нема граници. Доказ за тоа е приказната на Србинот Марио Мариќ, кој во писмо за српски „Телеграф“ раскажува како решил да дојде во Скопје на Суперкупот на УЕФА меѓу Реал Мадрид и Манчестер Јунајтед, иако немал средства за да го направи тоа.

Мариќ е голем фан на Манчестер Јунајтед, а љубовта кон клубот трае долги 22 години. Србинот има 32 години, но и покрај тоа за Јунајтед решил да замине за Скопје со 50 евра во џебот и да се одлучи да спие на клупа, затоа што немал сместувалиште.

„Да имам 18, или евентуално 20 години веројатно во ниту еден момент не би се жалел зошто спијам на клупа во донекаде непознат град. Досега, во Скопје сум бил само еднаш, пред 8. август.

Непреспиената ноќ што ќе го гледам Манчестер Јунајтед повторно како се бори за трофеј (бев во финалето во Стокхолм од Лига Европа), патувањето во автобусот кое траеше скоро девет часа и каде немав место да спијам, па возбудувањето кога сфатив дека сум во Скопје со акредитацијата в раце, па кога ги видов навивачите на Манчестер Јунајтед… сите овие „компоненти“ направија на 9. август да не можам да ја држам главата на рамениците.

Автобусот за Белград доаѓаше за три часа, имав билет, но ми недостасуваше сон. Клупата покрај станицата беше идеално место за мене – исто како соба во хотелот „Хилтон“, затоа што немав друг избор.

Веројатно многумина од вас ќе се запрашаат зошто не спиев во некој хотел или хостел, па утредента да си заминам дома. Ќе кажам – да, можно е да не спиев на такво место. Затоа што постојат моменти во животот кога финансиите од неверојатни причини ќе ви бидат на – нула. Кога ќе сакаш да ја вметнеш раката во ковертот да извадиш пари, а ќе немаш коверт, а камоли пак пари.

Неверојатно е што пет дена по Скопје ситуацијата финансиски се стабилизира, меѓутоа пред да заминам, морав да позајмам 50 евра. И ќе ви признаам, тоа е навистина „мизерна“ жртва за омилениот клуб.

Додека се местев да легнам на гореспоменатата клупа, додека се местев некој да не ми украде нешто од џебовите или пак да ми ја земе торбата со патиките, повторно се запрашав – Дали ова навистина ми требаше на 32 години?

Со тоа прашање заспав, а по два часа се разбудив со одговорот во главата – Секако дека да. Коњу еден, одлично си помина! Бев во право.

Почнаа да ми се враќаат сликите од градот во главата. Горд што го сакам Јунајтед, влегов во центарот на градот. На секое ќоше ечеше песна на „црвените ѓаволи“, а четири од пет локали имаа знамиња на клубот. На некои од нив пишуваше „Добредојдовте, навивачи на Манчестер Јунајтед“.

Црвените дресови ги надвладеаја оние на Реал Мадрид кои едвај се наѕираа во градот. На една страна беа Матиќ, Мата, Руни, Лукаку, Погба, Видиќ… додека на спротивната само Роналдо. Зборувам за дресовите кои се наоѓаа во престолнината на Македонија.

Свесен дека во Скопје пристигнав сам, на патот кон стадион размислував дали да останам во прес-центарот или да се вратам уште малку во центарот. До почетокот на мечот имаше уште четири часа. Поточно, три часа и 45 минути, затоа што часовникот покажуваше 17.00 часот додека марширав крај Вардар кон стадионот „Филип Втори“.

Имав среќа пред мечот да налетам и на двајца колеги од Хрватска – Горан и Желимир. Договорот да заминеме да се напиеме по едно „Скопско“ падна многу брзо. Не претерувавме, затоа што сепак, натпреварот ни беше приоритет.

Се сеќавам, беше 19.58 кога се појавив на трибините на арената „Филип Втори“, која морам да ја пофалам. Потребно е уште малку „шминкање“, пред се мислам на ентериерот и недостастокот на спортски фотографии на ѕидовите, но Македонците мора да се горди на овој стадион.

Како што и јас почувствував гордост кога играчите на Манчестер Јунајтед се загреваа пред мене. А поготово кога пред некое време на стадионот го видов Сер Алекс Фергусон. Беше само неколку редови под мене, меѓутоа не можев да дојдам до него. Едноставно, ложите ни се разликуваа. Тие три букви – ВИП, беа пресилни за мене. Толку блиску, а сепак далеку. Штета!

Меѓутоа, не ја пропуштив приликата да се сликам со легендарниот Роберто Карлос кој во Скопје беше во улога на стручен коментатор. Како и со Немања Матиќ, најскапиот српски репрезнтативец кого лично го означив како човек кој на Јунајтед и Мурињо ќе им донесе титула годинава.

Матиќ беше единствениот фудбалер кој застана пред новинарите во микс-зоната, а поради тоа успеав да го „фатам“ и да се фоторафирам, иако УЕФА забрануваше. Српското „селфи“ овој пат беше посилно од УЕФА. Многумина велеа дека сум можел да се сликам со Матиќ на собир на српска репрезентација, но сепак, како навивач сакав да имам спомен од неговото деби во дресот на Јунајтед.

Матиќ одигра „докторски“ против Реал Мадрид, податок кој го потврди и Жозе Мурињо. Српскиот ас излезе меѓу последните од соблекувалната, а претходно, колената ми се тресеа кога крај мене поминуваа Погба и останатите.

Го чекав и Кристијано Роналдо. Секако дека и него го сакам како поранешен фудбалер на Јунајтед. Тоа не го кријам. Класа е за Меси, иако многмина ќе ме осудуваат за ова. За жал, тој сврте десно, заедно со Модриќ и Марсело.

Тоа беше знак полека да го напуштиме стадионот. Часовникот полека отчукуваше 1.30 и дојде времето секој да тргне на своја страна. Тие кон местото на кое беа сместени, а јас кон автобуската станица. Повторно тргнав крај Вардар, кон „мојата“ клупа, за која на почетокот не знаев дека ќе ми даде толку добро искуство.

И благодарам на тоа“

Gol.mk

поврзани објави

Последни објави