Пратеникот Стефан Богоев од редовите на СДСМ, денеска пред партиското седиште одржа прес-конференција на која што рече дека е скандалозна пресудата со која поранешниот телохранител на Никола Груевски, Дејан Митревски-Урко е осуден на условна казна за сообраќајна несреќа со смртни последици на едно младо момче и според него ова било уште еден доказ дека поданиците на поранешниот режим се уште се привилегирани и над законот.
Очигледно е дека Сваровски судиите се уште работат во одбрана на криминалот и злоделата на поранешниот режим. Одлуката за условна казна за сторител на тешко дело против безбедноста во сообраќајот, со смртни последици на младо момче докажува дека е потребна итна професионализација и ослободување на судскиот систем. Токму затоа, неопходно е итно спроведување на започнатите реформи во судството за никогаш повеќе да не се повторат вакви скандалозни случаи каде што поединци ќе бидат над законите само затоа што се блиски до една или друга политичка партија. Македонија ќе биде правна држава во која правдата ќе важи за сите подеднакво, а судството ќе работи професионално, независно и неселективно, рече Богоев.