5.8 C
Skopje
недела, ноември 16, 2025

Мицкоски: Извршниот комитет предложи пет кандидати за градоначалници до Централниот Комитет

Христијан Мицкоски од ВМРО-ДПМНЕ денеска на прес-конференција изјави дека ВМРО-ДПМНЕ била во полна кондиција пред локалните избори, заокрожувајќи ги своите подготовки за нова изборна победа и сакале да ја информираат јавноста дека ИК на ВМРО-ДПМНЕ донела одлука да ги предложи на ЦК следните кандидати за градоначалници:

За Струмица, Марјан Бајрактаров, орален хирург, претседател на Општинскиот Комитет и член на Централниот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ.
За Петровец, Борче Митевски, актуелен градоначалник.
За Велес, Славчо Чадиев, актуелен градоначалник.
За Кривогаштани, Тони Заткоски, актуелен градоначалник.
За Куманово, д-р Зоран Ѓорѓиевски, хирург, актуелен пратеник во Собранието на Република Македонија и поранешен член на Извршниот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ.

– Изборот на кандидати на ВМРО-ДПМНЕ за локалните избори се темели на професионалните и лични карактеристики на кандидатите, нивната одговорност и посветеност кон работата, поддршката која што ја имаат меѓу граѓаните во општините во коишто живеат, како и угледот и кредибилитетот кој ќе гарантира спроведување на една одлично подготвена и сериозна програма наменета за таа општина. Програма на која што работат врвни експерти од земјава и од странство, програма која се базира на реалните потреби на граѓаните и има за цел подобрување на нивното секојдневие, инфраструткура и стандардите на живот, рече Мицкоски.

Според него, на овие локални избори граѓаните ќе одлучувале не само за локални теми туку тие биле веројатно и последна шанса за да биде запрена оваа, како што рече Мицкоски, екскурзија наречена СДСМ и да ги казнат овие катастрофални месеци на Македонија за економски уназадување, национални порази и понижувања, погубни политики по однос на клучните и страшки прашања на државата.

– Кога на јавноста и објаснувавме дека се потребни 63 пратеници за да не се случи овој ужас кој сега и се случува на државата, некои веројатно имаа и дилеми на таа наша констатација. Овојпат повторно и конечно алармираме: почитувани, моќта е во вас, граѓаните на Република Македонија. Само вие со пенкалото во рака на гласачкото ливче може да ја запрете оваа деструкција и изживување врз Македонија и само вие сте тие кои можете да одберете меѓу работа, посветеноста и достоинството, наспроти она што и се случува сега на Македонија, а тоа е неспособност, хаос и понижувања, рече Мицкоски.

Тој додаде дека нивните градоначалници ќе работеле посветено и одговорно кон сите реални секојдневни потреби на граѓаните и дека нивните дела, конкретни мерки и проекти и досега се реализирале на државно и локално ниво и биле доказ дека само работата е таа која што движи напред и која што можела да придонесе кон подобро утре.

поврзани објави

Последни објави