35.8 C
Skopje
Wednesday, June 12, 2024

Македонија со месеци ќе нема амбасадор во Брисел

Брисел е загрижен од продолжувањето на политичките игри во Македонија, а во тие рамки и од очекувањето наредните неколку месеци нашата амбасада во ЕУ да остане обезглавена, т.е. без амбасадор.

Поради законските ограничувања за именувања пред локалните избори, извесно е дека Македонија ќе нема амбасадор во ЕУ до крајот на октомври, а во европските дипломатски кругови стравуваат дека тој рок ќе биде и подолг поради можноста опозицијата да го развлече именувањето на новиот кандидат преку Комисијата за надворешни работи во парламентот, каде што ВМРО-ДПМНЕ во моментот има повеќе пратеници од СДСМ или има ист број со коалиционите партии на СДСМ, но раководи со работата на ова тело.

Во ЕУ, генерално, постои скептицизам и за тоа колку е надмината политичката криза во земјата. Според дипломатски извор, Брисел сфаќа дека ова што се случува во парламентот е демократија, но несфатливо е и натаму да се нема чувство кога некое прашање е од национален интерес и да се избегнуваат политички игри за тоа.

Како што е познато, една од првите одлука на новата Влада предводена од СДСМ беше да ја прекине постапката за именување на Александар Николовски за шеф на мисијата на Македонија во Европската Унија бидејќи е високоекспониран политички кадар на ВМРО-ДПМНЕ и како таков не е посакуван ни од Брисел. Очекувањата на Николовски дека претседателот Ѓорге Иванов ќе стави потпис на неговите акредитиви и ќе влезе во конфликт со новата Влада се изјаловија, но можноста да се блокира именувањето на неговиот наследник останува реална.

Според неофицијални информации, шефот на државата се изјаснил дека ќе го поддржи секое именување амбасадори ако станува збор за професионални дипломати. Кој ќе го наследи Андреј Лепавцов на оваа функција засега не е сосема јасно, иако е логично веќе да се почнати подготовките, а по изборите да се формализира процедурата. Едно од имињата што се слушаше е тоа на Дејан Ѓоршоски, поранешен специјален преставник на Македонија во Брисел во времето на ВМРО-ДПМНЕ.

Во неформалните разговори исто така се навестува именувањето на Стево Пендаровски за амбасадор на Македонија во Вашингтон, САД, кој би го заменил Васко Наумовски бидејќи во Владата сметаат дека оваа амбасадорска позиција им е премногу клучна за да ја држи кадар именуван од ВМРО-ДПМНЕ. Инаку, Васко Наумовски е на половина од својот мандат во САД и е актуелен преговарач на Македонија за спорот за името. Појавувањето на Пендаровски на состанокот на Јадранската повелба со Мајкл Пенс, потпретседателот на САД, беше првиот сигнал дека се подготвува за таа функција.

Од француски извори се слуша исто така дека Париз би сакал за време на посетата на премиерот Зоран Заев на Франција, што веќе се подготвува, таму да ги пречека и амбасадор на Македонија. Оваа амбасада е празна поради спорот на Иванов со ДУИ, која не го признава како претседател на државата, а тој како реванш не ѝ ги потпишува именувањата. На листата за нови амбасадорски именувања е и амбасадата на Македонија во НАТО, каде што работата на актуелниот амбасадор Зоран Дабиќ се смета во алијансата како загубено време за евроинтеграцијата на Македонија.

 
МАКФАКС

поврзани објави

Последни објави