Апсорпцијата на ИПА фондовите во Македонија може значително да се подобри, истакнале на денешната средба вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи и раководителот за соработка во Делегацијата на Европската унија во Македонија, Никола Бертолини, соопшти владиниот Секретаријат за европски прашања.
На средбата за состојбите околу реализацијата на проектите и апсорпцијата на ИПА средствата Османи и Бертолини договориле заеднички да ги адресираат предизвиците за отстранување на пречките за реализација на проектите, за што ќе се одржуваат редовни заеднички состаноци.
Како што сооопшти СЕП, Османи истакнал дека се подготвува мастер план за реформа на ИПА системи. Го информирал Бертолини за напредокот во реализирањето на предизвиците на инфраструктурните и другите проекти. – Соговорниците се согласија да посветат особено внимание на итните проекти, и преку редовна размена на податоци да сторат максимални напори за реализација на овие проекти во предвидените рокови, се вели во соопштението.
Османи ги претставил и останатите предизвици со кои се соочува како ИПА координатор, а кои претставуваат одлучувачки фактори за апсорпциската моќ за искористување на средствата од ИПА.
– Остварив работни средби со министерствата, градоначалниците и други претставници на институции, со цел директно да се информирам за предизвиците и пречките во реализација на проектите финансирани од ИПА, истакнал Османи.
Тој го известил Бертолини, дека, за адресирање на предизвиците, подготвува обемен мастер план, кој ќе биде поделен според итноста на мерките, а со кој се планира ревизија и унапредување на работата на ИПА структурата, со цел подигнување на искористеноста на средствата од ИПА. За овие реформи, Османи очекува поддршка како од делегацијата на ЕУ во Скопје, така и од институциите задолжени за ИПА во рамките на Европската унија, се вели во соопштението.