Премиерот Зоран Заев и претседателот на Србија, Александар Вучиќ денеска телефонски разговараа за новонастанатата состојба во односите меѓу Македонија и Србија.
По одлуката на Србија да го повлече целиот персонал од ниваната амбасада во Скопје, поради сериозни сознанија за незаконско прислушување, Заев и Вучиќ договориле пет точки за принципите врз основа на кои ќе се темелат односите меѓу двете земји.
Како што се наведува во заедничкото соопштение, било одлучено секое евентуално несогласување во меѓусебните односи ќе го решаваат исклучиво со дијалог и постигнале взаемна согласност за следниве работи:
1. Република Македонија и Република Србија, сите евентуални недоразбирања во меѓусебните односи ќе ги решаваат исклучиво по пат на дијалог.
2. Без разлика на различните политички ставови во однос на одредени важни политички и регионални прашања, Македонија и Србија заедно ќе се борат за соочувување, но и за унапредување на пријателските релации на македонскиот и српскиот народ, како и граѓаните на Македонија и Србија.
3. Република Македонија и Република Србија ќе вложат уште поголеми напори за понатамошно унапредување на економските релации и зголемување на трговската размена меѓу двете земји.
4. Република Македонија и Република Србија, во согласност со прописите на меѓународното јавно право, и на добра волја и пријателска основа ќе ги заштитат интересите и правата на дипломатските и конзуларните претставништва на сопствената територија.
5. Република Македонија и Република Србија ќе ја интензивираат меѓусебната комуникација на највисоко ниво и ќе си дадат взаемна поддршка една на друга на патот кон ЕУ и во зајакнување на добрососедските односи, што ќе придонесе кон стабилност на регионот.