Министерот Шапуриќ ги запозна новинарите со силната поддршка што господинот Ханс ван Бален ја изрази во име на Алијансата, кој покажа интерес да биде детално запознаен со моменталната политичка ситуација во Република Македонија и со најважните реформски процеси со кои отпочна надминувањето на политичката криза и напредокот на земјата.
Европратеникот Ханс ван Бален и претседател на Алијансата на либерали и демократи во Европа пред новинарите и јавноста во Република Македонија, нагласи дека новата влада ја има поддршката од либералите и демократите во Европа, како и од демократскиот свет, во реформскиот процес што ги забрзува евро-атлантските перспективи на Република Македонија, и изрази надеж дека и отвореното прашање со Република Грција ќе биде решено во духот на новиот пристап што го манифестира новата македонска влада.
Министерот Шапуриќ извести дека за време на средбите на европратеникот и претседател на АЛДЕ, Ван Бален, покажал интерес и за бизнис климата во Република Македонија, од аспект на новата стратегија на Владата на РМ поврзана со странските инвестиции.
– Го информиравме нашиот гостинот од Холандија дека новиот концепт на владата за странските инвестиции го промовира принципот на транспарентност и на еднаков пристап кон привилегиите за сите странски инвеститори, како и принципилената заложба на новата влада истите привилегии за инвестирање да им бидат понудени и на домашните компании за нивните инвестициски стратегии, нагласи
Европратеникот и претседател на Алијансата на либерали и демократи во Европа Ханс ван Бален, на прашањето на новинарите да ги коментира актуелните настани во регионот и особено последните настани во односите на Република Македонија со Србија, истакна дека посебен впечаток му оставиле позитивниот и добронамерен пристап на македонската влада која во решавањето на ситуацијата со Република Србија одговорила на еден европски и проактивен начин, со еден телефонски разговор.
„Овие одлики на Владата на Република Македонија придонесуваат Алијансата на либерали и демократи во Европа да остане силен лобист и поддржувач на политиките на Република Македонија“, истакна Ван Бален на прес конференцијата.
Европратеникот Ханс ван Бален, претседател на Алијансата на либерали и демократи во Европа (АЛДЕ), за време на посетата на Република Македонија беше придружуван од Емил Кирјас, генерален секретар на Либералната интернационала и од претседателот на ЛДП, Горан Милевски, како партија партнер на АЛДЕ.