Мислам дека областа на разузнавање е деликатна и колку повеќе шпекулираме во јавност толку поголема беља создаваме, изјави министерот за надворешни работи, Никола Димитров, по денешната средба во Ниш со шефот на српската дипломатија, Ивица Дачиќ.
Димитров додаде дека Македонија не е инволвирана во разузнавачкиот скандал поради кој двете земји накратко сериозно ги заладија односите.
-Допрва треба да се види и да се работи на разјаснување на тие информации. Се радувам што тие информации, доколку се точни, не ја инволвираат македонската Влада. Оваа епизода покажува колку е важно да сме блиски, да имаме чест и отворен дијалог. Свесен сум дека е јавноста збунета и жедна за информации, но поради природата на тоа прашање во оваа фаза, навлегување во повеќе детали може да нè однесе само онаму каде не сакаат да одат двете држави – рече Димитров.