агода Шахпаска, пратеничка во Собрание на Република Македонија од СДСМ денеска во изјава за медиумите рече дека парламентарното мнозинство и Владата со серија мерки го унапредуваат квалитетот на живот на сите граѓани.
– До крајот на оваа година ќе заврши изградбата и опремувањето на тринаесет детски градинки со што се зголемува опфатот за нови 682 дечиња, а ваквата тенденција ќе продолжи и во 2018 година. Потпишани се договори за обнова на градинката 8-ми април во Шуто Оризари, се реконструира и се пренаменува објектот на поранешниот Пионерски дом во Куманово, којшто ќе прерасне во детска градинка. За неколку денови, веќе од први септември, градинките ќе почнат со двосменско работење. Тоа ќе значи дека децата во градинките ќе бидат згрижувани во подолг временски период согласно потребите на нивните родители, рече Шахпаска.
Таа додаде дека со предвидените измени на Законот за социјална заштита се овозможувало подобрување на правата од социјалната заштита на лицата со попреченост.
– Владата ќе донесе посебна програма за персонален придружник на лица со попреченост. Лицата со траен наод на попреченост и тешки ментални и телесни пречки ќе бидат ослободени од поднесување на барања секоја година. Надомест за помош и нега од трето лице ќе се обезбедува без конзилијарно мислење од три специјалисти со што секој барател заштедува по 1700 денари. Првостепената комисија за утврдување на надомест за помош и нега од друго лице, ќе ги посетува барателите во нивниот дом. Додаток за мобилност, слепило, наглувост како и помош и нега од трето лице ќе го добиваат независно од висината на месечните приходи. Ова е право кое го стекнале по основ на болест и не смее да биде условено од месечните примања. Надомест за скратено работно време на родители со деца кои имаат тешки хронични заболувања и ментални и физички пречки, рече Шахпаска.
Таа кажа дека минималната плата ќе се покачи на 12 илјади денари и дека таа ќе важи за сите работници, вклучително и за вработените во кожарската, текстилната и индустријата за обувки и на тој начин граѓаните вработени во овие индустрии нема веќе да бидат дискриминирани и да земаат пониска плата.
– Како што вети, Владата предводена од СДСМ го решава и деценискиот проблем со статусот на стечајните работници. Околу 3000 стечајци ќе добиваат надомест од 7596 денари месечно, со што на овие граѓани им се исправа долгогодишната неправда што ја трпеа. Како досега, така и во иднина како мнозинство во Собранието на Република Македонија, продолжуваме со чесното, одговорно и отчетно работење во интерес на граѓаните и државата, рече Шахпаска.