-0.2 C
Skopje
Thursday, November 28, 2024

Социјалдемократијата во Македонија е труп што гние пред нашите очи

Партијата на Зоран Заев, de iure регистрирана како СДСМ, de facto не постои. Таа е изедена и расточена одвнатре и нејзе реално ја претставуваат некој вид идео-полито-верски следбеници, зашто за партија во вистиската политолошка, но и организациска и програмска смисла на зборот воопшто нема говор. Непосредно околу самиот Заев е собрана неголема кримогена квази-партиска елита која успеа тотално да се наметне и авторитарно да ја земе партиската организација во свои раце и сосема да ја потчини и да ја преобрази во приватно „партиско претпријатие”, а најдиректно, по цена на голем егзистенцијално-политички поткуп на поединци на сметка на државата, таа се потпира само врз една бесрамно бесчувствителна, аморфна хорда бесни, безидејни и деструктивни кариеристи, што, според прагматичниот, исклучиво лукративен урнек, се протега и до најниските локални нивоа на „партиските ќелии”. Во „партијата” не се слуша никаков и ничиј друг дисонантен глас или различно мислење од мислењето на Заев и на неговата клика, зашто инаку и јавноста би го знаела тоа. Всушност, не се слуша ништо, ни најмало шушнување. Се слуша само гробна тишина…

Останатото „членство”, т.е. следбениците на погребаната македонска социјалдемократија, свесно или несвесно, којзнае зошто (зашто е се’ веќе сосема јасно) и натаму наивно статираат во овој најцрн можен партиски но и национален самопораз. Во Македонија, за жал, социјалдемократијата е апсолутно мртва. Таа не е на издивнување. Таа издивна.

Велам за жал, зашто без еден релевантен, здрав, чист, морален, достоинствено организиран политички субјект во левиот дел на националниот политички спектар, наместо демократско, договорно, цивилизирано општество, способно за вистински продуктивен дијалог и прифаќање на различното мислење, ќе го имаме само ова – најбедна имитација на демократија и целосна узурпација на сите национални институции, т.е. права тоталитарна држава со демократска маска на лицето, а всушност предавничка слугинка исклучиво на странските интереси во Република Македонија.

Социјалдемократијата во изворната (марксистичка) смисла на зборот, и како национален и како наднационален политички проект, има свои јасно дефинирани рамки и правила, но во случајот на распаднатата македонска социјалдемократија – сите тие принципи се изневерени и предадени, или поради тоа што се апсолутно и математички доказливо неостварливи во контекстот на општите меѓународни, глобални и глобалистички воено-економско-политички услови, или затоа што на национално ниво отидоа предалеку во насока на еден тотално дилетантски политичко-социо-економски лабораториски експеримент што ќе заврши со незамислива трагедија во „лабораторијата“ во која така безумно се изведува – во Република Македонија.

Кога станува збор за меѓународното социјалдемократско движење, а всушност денес притоа мислиме пред се’ на европската социјалдемократија, треба да се рече дека тоа движење ни оддалеку ги нема ниту силата ниту некогашниот идеолошки занес на Интернационалите, па ни на социјалистичката и социјалдемократска „фронтовска” поврзаност и проткаеност низ целиот 20 век, и всушност денес реално претставува само една обична, помалку или повеќе лево ориентирана политичка опција што од избори до избори се натпреварува за власт во одделни земји, како и на нивото на Европската Заедница. И тоа е се’. Минорната и вака обесмислена и мртва македонска социјалдемократија нема таму што да бара, ниту пак некому во Европа и во светот таа воопшто нешто му значи во политичка и во која и да е друга смисла.

Тука веднаш го додавам и следново: на изворната социјалдемократија и’ е и идеолошки и социјално апсолутно туѓо секое вклучување во какви и да е воени сојузи и блокови како во случајот на НАТО, по кој македонскиот „социјалдемократ” Заев со својата клика сосема ја загуби главата, бидејќи и во оние земји што не се членки на Алијансата, како, да речеме, во Русија, исто така постои социјалдемократско и некои други сестрински движења, кои според интернационалната социјалдемократска поврзаност и логика не можат да и’ бидат непријатели на македонската социјалдемократија. Но таа, на чело со Заев, како најгорлив носител на идејата за влегување во НАТО всушност им е непријател ним, бидејќи се наоѓа од другата страна на евро-атланстскиот воено-политички бедем. Значи, во случајов, македонската социјалдемократија е само едно политичко име кое нема никаква врска со самото себеси, туку е придружен дел од големата неолиберална светска шема што од практични причини на народот (читај: електоратот) му се продава како социјалдемократски бренд.

Конечно, градејќи го својот, меѓународно организиран и финансиски поддржан, бескрупулозен пробив и подем до највисоката власт во Република Македонија, на Заев основен лајтмотив му беше божемното уривање на десно ориентараната власт, „режимот”, со јасен национален предзнак. Се разбира, на социјалдемократијата и’ се идеолошки туѓи и спротивставени десничарењето и изразито националните ознаки, но како тогаш „социјалдемократот” Заев ќе го објасни својот бесмислен, антинационален и антидржавен комплот со десничарските и ултра национал-шовинистички албански партии, што и да си мислат и да си раскажуваат тие за себеси. Па не само што е доволно бедно, туку е ужасно предавнички кон самата социјалдемократија без задршка да комплотираш со национал-шовинистите кои, меѓу другото, на сиот глас го негираат и твојот национален идентитет. Заев тоа го изведе во име на некакво имагинарно граѓанско, наднационално, евро-атлантско единство, за кое никој, освен него, не знае што значи и кон што води; со еден збор, глупости, лаги и бедно предавство. Зашто и наднационалните идеи на социјалдемократијата секогаш имаа и имаат и свое изразито национално упориште, свои национални корени и смисла, и народносна обоеност од просторот во кој и за кој таа социјалдемократија треба да опстојува, да живее, да ги апсолвира но и да ги еманира неговите потреби, и да се бори за нивно остварување.

Затоа еве, во неколку чекори, на кој начин и на најрелевантниот, национален план умираше и умре македонската социјалдемократија:

Кај Зоран Заев и кај неговите „социјалдемократски” следбеници излезе на видело целосното замрачување на народното чувство.

Зоран Заев и неговите „социјалдемократски” следбеници сосема го издадоа столетното македонско национално дело, задоволувајќи ги само апетитите на непријателите на Македонија, а Заев лично и своите политички и криминални апетити и амбиции.

Поради длабока омраза и исконска потреба за одмазда кон само еден човек – Никола Груевски, Зоран Заев и неговите „социјалдемократски” следбеници исцело преминаа во таборот на смртните непријатели на Македонија и на македонскиот народ.

Рака под рака со непријателите на Македонија Зоран Заев, пред наши очи, одден-наден својот народ го поразува со невидена брзина.

За Зоран Заев и за неговите „социјалдемократски” следбеници бришењето на Македонија и на македонскиот народ од лицето на замјата е обична, безначајна, рутинска работа.

Зоран Заев и неговите „социјалдемократски” следбеници не’ ставија во трагична позиција да се бориме сами против сите, и против себе самите.

Зоран Заев и неговите „социјалдемократски” следбеници под изговор на почитување на некои исконструирани и наметнати меѓународни правни форми и формули ладнокрвно ја поништуваат и од темел ја уриваат правната држава – Република Македонија.

Допрва ќе видиме што ќе ни остане од државата и од нас самите по ова злосторничко цунами што го реализира Зоран Заев врз тнр. „социјалемократски” бекграунд, но сигурно е дека од оваа и ваква македонска социјалдемократија, во реална а не во некаква метафизичка смисла, нема да остане ништо. Таа нема оригинални, квалитетни внатрешни сили ни да се прероди, ниту да се прегрупира и да започне нешто ново, особено не со бескрупулозниот партиски, државен и криминален властодржец од типот на Заев на чело.

Затоа, колку и да сте политички и партиски неинволвирани и рамнодушни, навистина е многу грдо да се гледа ваков беден крај на една партија која, наместо да ги негува токму најблагородните национални и социјални (социјалдемократски) традиции на македонското револуционерно и национално дело на чие чело се наоѓаа и за кое ги положија своите животи најголемите македонски синови, едноставно го изневери и го предаде сето тоа и се урна во пијано неолиберално, обезличено Ништо.

 

Извор: Курир

поврзани објави

Последни објави