-1.2 C
Skopje
Sunday, November 10, 2024

ПРИБЕ, И СĖ Е МОЖНО!

Пишува: Тања Каракамишева Јовановска

 

 

Уште еден извештај на Прибе. Интересно е што истиот подготвенна почетокот на месец август се објавува сега како најпогоден проценет тајминг до одржувањето на локалните избори. Демек доволно блиску, а сепак доволно далеку од изборите. Да му се излезе во пресрет и на помош на Црпнатиот де, нема да ни биде прв пат. Скандалозноста на вчерашната изјава на Прибе гледам никој не ја пофати. Изгледа навикнавме на сė, или сме веќе отапени од сė па ништо веќе нė не чуди. Освен воодушевувачките подмочнати од среќа владини медиуми кои ја пренесоа во сензационално позитивен контекст, со навивање ајде, ајде, тоооо, во другите медиуми молк, небаре изјавата е сосема нормална!

Замислете Прибе зборува за потребата од независност и самостојност на македонското судство, а прва негова вест во врска со тоа прашање е дека бил разочаран што до сега немало ниту една осудителна пресуда за лица опфатени со предметите на СЈО!?

Човеков бил разочаран затоа што немало осудителни судски пресуди???

Боже Господе овде сė полудело! Па мајко му стара кој во оваа држава не е токму, сите ние, или сите тие? Или кај нас, без да ни соопштат, се тестира некаква нова единица мерка на издржливост по тресната глупост, или сме тотално пролупани па можеме да слушаме се и сешто без грам критичност кон слушнатото само затоа што доаѓа од некакви „свети“ европски експерти.

Чекајте бре европски експерти, чекајте бре домашни експерти, нели европските стандради инсистираат никој надвор од судството да не смее да прејудицира и да „навива“ да се носат осудителни или ослободителни судски одлуки? Нели е тоа дискрециона одлука на судијата/судиите обврзани да ги ценат доказите за секој предмет посебно согласно сопствената слободна оценка на доказите, и согласно начелото на слободно судиско уверување?

Нели судиите секаде, па и во Македонија треба да се независни и самостојни? Нели секое прејудицирање на судски одлуки без разлика од кого, од кои доаѓа треба да се смета за најдиректен притисок врз судиите, или, можеби, кај нас постои посебно правило дека прејудицирањето искажано од устата на кој било европски експерт е само добронамерна препорака, а никако и притисок?

Како е можно од уста на реформатор, од човек што постојано зборува за потребата од примена на европски стандарди во судството да излезе ваква изјава?  Како е можно реформаторот, пред судот воопшто да ги има завршено постапките, но и пред да се оствари правото на жалба на лицата кои евентуално би биле незадоволни од првостепените, а можеби и од второстепените пресуди, да си дозволи ваква еклатантна екскурзија по нашите подмочани медиуми без никаков критички коментар? Зар Прибе не е свесен дека неговата изјава е директен притисок врз македонските судии да одлучат така како што Прибе им вели? Или токму тоа е целта на изјавата? Од типот кажи мајко, сети се снао.

Ако ова не е брутален притисок врз судството, тогаш навистина не знам што друго може и треба да се смета за притисок.

Каде е во вашата изјава, господине Прибе, заштитата на пресумпцијата на невиност на обвинетите лица, каде е загарантираната самостојност и интегритетот во работата на секој судија, каде е меѓународно гарантираното начело на заштита на човековите права и слободи пред независен и непристрасен суд, каде е тука владеењето на правото?

Ги оставивте на хартиите?

 

Курир.мк

поврзани објави

Последни објави