13.8 C
Skopje
Friday, October 25, 2024

Точаци, трамвај и турбофолк

Кандидатите за градски татковци на Скопје ја баталија идејата за трамвај и се качија на точаци… Шилегов ја одигра улогата на кеј, а пак неколку дена порано Трајановски се качи на Водно. Откако (и) минатата зима Скопјани ја поминаа со рекордно покачување на штетните PM честички, кандидатот Петре и кандидатот Коце одлучија да „покажат“ малку еколошка свест. Дали им помина фората ќе видиме на 15 октомври. Инаку добро е што конечно после речиси цела деценија, идејата за трамвај во Скопје и не е толку „актуелна“. Костовски го вети за време на неговиот мандат (2005-2009), а сегашниот градоначалник Трајановски дури се пофали дека скоро се е готово да се започне со изградбата на првата трамвајска линија во Скопје од осамостојувањето. Трамвајот замина во неповрат како и еден куп други убави намери во 2015 г, кога Груевски најави дека наместо трамвај ќе бидат набавени електрични автобуси слични на трамвајот. Интересно ми е дали истата судбина ќе ја снајде и идејата за почисто и незагадено Скопје? Знаете како е кај нас, секое чудо е за три дена, а секој револт се пали и гаси од политичките централи.

Да не беа колегите од А1 On немаше да дознаеме дека 2 од 3 „трите грации“ на СЈО имаат солидни политички амбиции. Главната обвинителка Јанева сака да биде градоначалник на нејзиниот роден град Гевгелија, а пак нејзината помошничка Фетаи оди на макро ниво- таа скромно се најави како иден претседател на Р. Македонија. Како да ми е влезен некој во филм или грешам…? Ок е мили дами, станавте медиумски ѕвезди, одредени кругови ви се „тресат“, ама ајде малку посериозно. Вашата работа е да ги докажете тврдењата дека поранешната владејачка гарнитура е… а да злосторничко здружување. Бугарите на тоа му викаат „организиран криминал“, а во цел свет на организираниот криминал му викаат мафија. Па мили дами, ако сакате еден ден да ве споредат со обвинителот Џовани Фалконе (убиен од Сицилијанската мафија во 1992 поради својата работа против оваа криминална структура) симнете се малку од ѕвездите и почнете да си ја работите работата без вишок помпезност и патос во исказот (тоа посебно важи за обожувателката на Аца Лукас и идна македонска претседателка г-ѓата Фетаи).

Многу ми е мило што Чола му дал попуст на велешкиот градоначалник Чадиев. Според некои медиуми, југословенскиот фосил, настапувал за 45 илјади евра, ама во Велес на питијадата ќе пеел за 38 илјади евра. Сега тие 7 илјади евра можат да бидат искористени за нешто попаметно од тоа, кога немаш леб да си купуваш колачи. Колку радијатори за велешките училишта можат да се купат со попустот направен од Чолиќ? Тоа Велешани нека си го пресметнат, јас со математиката раскрстив уште од времето кога учевме за дробки (а тоа беше многу одамна). Силно се надевам дека после 15 октомври, трката „Кој градоначалник ќе донесе помумифицирана екс Ју ѕвезда или пак поголема турбофолк селендра“ ќе заврши. Се надевам, ама дали ќе ме огрее тоа сонце… кој знае?

Кумот и бабата на генералниот секретар на Владата на РМ, Рашковски, веќе не се во игра. Тештата поднесе оставка, а пак кумот го раскина договорот. Сега се е во ред. Секретарот не заборави да спомне дека фамозниот хонорар што ќе го зема како владин претставник во „Телеком“ (ќе) го донирал за хуманитарни цели. Гледате како се средуваат работите, а за време Грујо никој нит се повлекуваше, нит даруваше нешто… За да биде детергентот за перење имиџ појак денеска се појави информација дека Рашковски му ја скратил апанажата на поранешниот заменик премиер Пешевски, оти последниот многу трошел на  службен телефон. Јака популистичка финта. Рајата ја мрази апанажата се додека не се допре до неа, Драги го знае тоа и мавна право во целта. Го удри Пешевски по џебот и тоа во парите кои му доаѓаат на готово. Милина. Пролетерска, робинхудовска милина со цел перење образ. Типичен комунистички потег.

Пишува: Батко Тане

поврзани објави

Последни објави