Кога и да се спомене серијалот “Наше маало“ во мене буди нешто кое ме враќа во детството. Оваа легендарна серија асоцира на една детска радост, соживот, толеранција меѓу сите заедници кои живеат во Република Македонија и сите религии. Дечиња од различно етничко потекло и религија кои формираа прекрасно другарство. “Наше маало“ ако не се лажам почна да се снима после војната во 2001 година со цел на младите да им се истисне омразата и предрасудите кон другите, да се покаже дека луѓето без разлика на националноста и верата можат да живеат едни со други заедно во слога.
Ја обожавав… и не само Наше Маало… тука беа и “Во светот на бајките“, “Дајте музика“ “Мешето Ушко“ и нашите македонски народни приказни. Е тоа мои почитувани се гледаше пред 15 години, а што се гледа денеска на ТВ екраните? Турскии серии сервирани од понеделник – недела, од кои не само што не можете да научите нешто добро и да извлечете некоја добра поука, туку истите можат само да ве депремираат и да влијаат негативно врз вашето расположение.
Затоа, апелирам до Владата на РМ во иднина да инвестира во филмската индустрија во Македонија, да понуди поволности за реализација на едни вакви проекти како што беше “Наше маало“ од кој најмладите генерации ќе можат да ги научат основните вредности на животот – мир, соживот, толеранција, почитување без разлика на национална, верска припадност.