-0.2 C
Skopje
Monday, January 13, 2025

Димитров: Прашањата за идентитетот да се извлечат од преговорите за името

Два дена пред состанокот на министрите за надворешни работи на Македонија, Грција, Бугарија и Албанија во Солун, кои на покана на грчкиот шеф на дипломатијата Никос Коѕиас ќе разговараат за безбедносната соработка, прекуграничната соработка, како и за енергетското поврзување, министерот Никола Димитров на отчетот за 100 дена влада говореше за односите со Грција и процесот на преговори за името.

Идентитетските прашања, како што рече, треба да се извлечат од процесот на преговорите за името со Грција, со цел да може тој процес на зближување да продолжи и двете држави да имаат разбирање една за друга.
Според него, преговорите не се почнати и во моментов се работи на исцртување на контурите на тој процес, на нивната форма, на датумот.
“Грција не може успешно да го затвори овој спор ако Македонија е понижена, тоа е апсолутно неспорно, дури и „победата“ на Грција со ветото на Самитот на НАТО во 2008 година е пирова, бидејќи создаде контекст на еден сосед кој го загуби моралниот компас, си ја растресе својата демократија, стана произведувач на проблеми, кризи”, рече Димитров.
Тој додаде дека има потреба од надминување на историјата, за да може работите да се придвижат во позитивна насока.
“Стравот и држењето во ровот на историјата ја ослабува Македонија, мора да си го фатиме возот, штитејќи си го сопственосто достоинство и идентитетот”, изјави тој.
Зборувајќи за можноста за менување на учебниците по историја со цел да се спушти топката во односите со соседите, тој говореше за сопствениот пример.
“Татко ми е дојден во Република Македонија по граѓанска војна во Грција во 1948 година. Не сум историчар, не сакам да одам поконкретно во однос на ова. Ако сакаме да ги отвориме односите, да отвориме поголем простор за соработка не знам зошто би имале страв да видиме каков е историскиот наратив во Грција за нас и каков е наративот кај нас за Грција”, рече Димитров.
На прес конференцијата за отчетот тој ги наброја достигнувањата во изминатите сто дена, меѓу кои 31 меѓународна посета, 17 билатерални и 14 мултилатерални, средби со 44 министри за надворешни работи, потпишување декларации и политички изјави за партнерство, состанокот на Советот за стабилизација и асоцијација меѓу РМ и ЕУ, средбата со генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, како и состанокот на Северноатлантскиот совет, со кој се заокружи 17. циклус на приближувањето кон НАТО.
“Македонија од земја, која асоцира на криза денес претставува земја, која асоцира на надеж и можности”, изјави тој.

Извор: www.mkd.mk

поврзани објави

Последни објави