Селекцијата на Македонија денес со почеток од 10.00 часот одржа тренинг на Стадио Олимпико во Торино, каде што утре ќе се среќава со Италија во предпоследниот натпревар од квалификациите за Светското Првенство „Русија 2018“.
Во одлична, но работна атмосфера репрезентативците ги изработија последните подготовки пред натпреварот со четрикратниот светски првак, а селекторот Ангеловски даде дозвола медиумите да бидат присутни во текот на целиот тренинг.
Денешниот тренинг го одработија и Адријан Адеми и Кире Ристески кои нема да може да настапат на утрешниот меч. Првиот поради суспензијата за допинг, додека вториот ќе го прескокне мечот поради парен број картони.
Попладне од 17:00 часот ќе се одржи официјалната прес конференција на која ќе присуствуваат селекторот Игор Ангеловски и капитенот Горан Пандев. Мечот Италија-Македонија се игра во петок со почеток од 20:45 минути.