7.8 C
Skopje
Friday, November 29, 2024

Села: Гласот за Алијансата за Албанците значи суштинска децентрализација на власта

Ќе бидеме во Парламентот кога ќе се носи Законот за јазиците, гласот за Алијансата за Албанците значи суштинска децентрализација на власта за која ќе се залагаме, бидејќи само така градоначалниците ќе можат да бидат многу поуспешни, изјави денеска во Кичево лидерот на Алијансата за Албанците, Зијадин Села.

Села рече дека имале храброст и биле онаму кај што се бираше претседателот на Парламентот и кај што се уривала владата каде, како што рече, многу лидери не беа токму на тој ден во парламентот.

– Дозволете ми овде во Кичево јавно да апелирам и да му давам поддршка на Фатмир Дехари за да повторно биде избран за градоначалник. Но, истотака ќе ми дозволите јавно да го запрашам Али Ахмети со какви пораки тој ќе доаѓа во Струга ако веќе јас доаѓам овде во Кичево со порака за заедништво, изјави Села во Кичево, каде вечерва под мотото „Знаење и храброст” беше претставена изборната програма за локалните избори на Алијансата за Албанците.

Во Домот на културата пред присутните се обрати и носителот на советничката листа од Алијансата за Албанците, Генц Селмани, кој рече дека во Кичево успеале да го убијат стравот.

– Ќе извршиме деполитизација на јавната администрацијата, ќе побараме дислокација на депонијата, ќе градиме градинки во руралните средини. Како најбитно ние сметаме дека треба да се отвори канцеларија за привлекување на инвестиции, рече Селмани.

Тој посочи дека ќе работаат и на подобрување на спортската инфраструктура како и на збогатување на културниот живот во Кичево.

Извор: а1 он

поврзани објави

Последни објави