20.8 C
Skopje
Thursday, October 3, 2024

Државниот секретар Николиќ на состанокот на СЕДМ процесот во Грузија

Државниот секретар во Министерството за одбрана, Драган Николиќ, заедно со делегација од Министерството, денеска во Батуми, Република Грузија присуствуваше на состанок на South East Defence Ministerial – СЕДМ процесот на ниво на министри за одбрана на земјите-членки.

Освен делегацијата од Република Македонија, на церемонијата присуствуваа делегации од сите земји – членки на СЕДМ, претставени од министри за одбрана, државни секретари, директори за одбранбена политика, амбасадори како и претставници од командата на Бригадата на Југоисточна Европа (СЕЕБРИГ).

На состанокот, покрај усвојувањето на документи од значење за натамошната работа и развој на СЕДМ – процесот, министрите за одбрана и високите претставници од земјите членки на СЕДМ процесот го потпишаа документот „Локација на командата на СЕЕБРИГ и табела за ротација на критичните позиции по 2015 година“ со кој и формално се потврдува дека Република Македонија во период од 2020 до 2026 година ќе биде домаќин на Штабот на СЕЕБРИГ, а Министерството за одбрана на Република Македонија ќе биде Претседавач со СЕДМ процесот во период од 2027 до 2029 година и од 2033 до 2035 година.

Учесниците го поздравија прогресот на иницијативите како вежбата за развој на симулациска мрежа, интерконекциска поврзаност на воените медицински капацитети, изградбата на интегритет и развојот на жените лидери во одбраната, како и развојот на постојан интернет портал на СЕДМ.

СЕДМ претставува процес соработка меѓу министерствата за одбрана на Југоисточна Европа (ЈИЕ). За првпат беше инициран во март 1996 година, во Тирана, како прв од серијата состаноци на министрите за одбрана, замениците министри за одбрана и замениците началници на Генералштаб на земјите од Југоисточна Европа.

Земји членки на СЕДМ се: Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Грузија, Грција, Италија, Црна Гора, Романија, Србија, Словенија, Македонија, Турција, Украина, САД додека Молдавија има статус на земја набљудувач.

Суштината на СЕДМ процесот е јакнење политичко-воената соработка во регионот, со цел подобрување на стабилноста и безбедноста во ЈИЕ. Во периодот 2017-2019 година со координативните тела на СЕДМ иницијативата претседава Република Грција.

На маргините на состанокот, државниот секретар Николиќ оствари средба со претставници на хрватското министерство за одбрана на која стана збор за одбранбената соработка помеѓу двете земји, а беше изразена и поддршка за членството на Македонија во НАТО.

Извор: Фактор

поврзани објави

Последни објави