14.8 C
Skopje
Thursday, November 28, 2024

Шилегов: Од првиот ден од мандатот почнувам со сериозен концепт за ослободување на Скопје од загадувањето

Кандидатот за градоначалник од редовите на владеачката партија СДСМ, Петре Шилегов, денес во изјава за медиумите изјави, дека уште од првиот ден од неговиот мандат ќе започне сериозен концепт и сериозни мерки, кои ќе придонесат за ослободување на град Скопје од загадувањето.

„Како градоначалник на Скопје, уште од првиот ден на сопствениот мандат, ќе започнам сериозен концепт, сериозни мерки, кои ќе придонесат за ослободување на Скопје од енормното загадување. Тоа нема да биде лесен процес, туку ќе биде процес во кој што резултатите ќе дојдат сукцесивно. Затоа нема да дозволиме да изгубиме ниту еден ден, за резултатите да бидат што е можно побрзо остварливи“, изјави Шилегов.

Тој додаде дека заедно со иницијативата „О2 Коалиција“ заедно ќе учествуваат во борбата за Скопје да има чиста животна средина, чист воздух и чиста вода за пиење.

„Со Граѓанската иницијатива „О2 Коалиција“ постигнавме согласност за одредени мерки, кои што ќе мора да се спроведат во борбата за чист воздух и здрава животна средина.
Како градоначалник на Скопје, ќе воведам итни вонредни мерки за време на грејната сезона, кога загадувањето на воздухот е најинтензивно. Во соработка со општините – единиците на локалната самоуправа во рамките на градот Скопје, ќе создадеме и мониторинг мрежа за мерење на загаденоста. Притоа сакам да напоменам за јавноста, дека ќе го изработиме она што никој досега го нема изработено во градот Скопје, а тоа е студија во која што ќе може да се видат изворите на загадувањето. Таа студија ќе биде основ за превземање на среднорочните мерки вонасока на решавање на прашањето за загадување на воздухот. Досега само нагаѓаме, бидејќи никој нема направено анализа што е тоа што го загадува Скопје со толкав интензитет во последниве десетина години“, додава Шилегов.

Тој најави дека во концептот на градска администрација ќе бидат вклучени и граѓански асоцијации и дека одлуките нема да ги носи од неговата канцеларија, туку со дискусија со луѓето кои што најдобро ја познаваат проблематиката.

„Активно ќе ги вклучиме и претставниците на граѓанските асоцијации, во концептот на градската администрација што ќе ја предводам. Одлуките нема да ги носиме од канцеларија – автоцентрично, туку ќе бидат носени со оние луѓе кои што најдобро ја знаат и ја познаваат проблематиката. Тоа сте вие, граѓанските асоцијации, кои што давајќи дел од своето слободно време на волонтерска основа, проблемот го познавате во микроплан. И вие сте тие кои што ќе бидат нашиот ум за носење на мудри, паметни , практични одлуки кои што ќе ги решаваат реалните проблеми на граѓаните во градот Скопје“, вели Шилегов.

поврзани објави

Последни објави