4.8 C
Skopje
Thursday, November 28, 2024

Трајковски: Мора да се изнајде решение за да се ослободи буџетската каса и да се анулира долгот на општината

1. Кои се вашите мотиви и зошто се нафативте на оваа кандидатура за градоначалник на општина Делчево ?

„Мотивите се длабоки и искрени. Изминативе години сите бевме сведоци на популизмот на власта предводена од ВМРО ДПМНЕ, силната пропаганда која пропагираше дека имаме живот кој беше далеку од реалноста. Видете, јас не сум човек кој ќе си стави розови очила и ќе ведне глава. Сакам да ги исправам нештата и се нафаќам на овој предизвик со една мисла:  Делчево да го изградиме во поубаво место на живеење, место каде ќе се радуваме и со мерак ќе ги гледаме младите кои овде ќе формираат семејства и овде нивните деца ќе посетуваат училишта.

Во последните осум години слободно може да се каже дека Делчево доживеа катастрофа во сите сфери, дојде до стагнација како во стопанството така и во културниот, образовниот и научниот развој на градот и до енормно иселување на луѓето.

Премногу време изгубивме, премногу шанси пропуштивме, премногу дозволивме да се играат со нашите животи. Ние можеме и мораме да ги промениме работите на подобро.“

2. Што ќе биде за вас приоритет доколку ја добиете довербата на граѓаните ?

„Според мене, потребен е нов начин на управување со Општината и нов пристап кон решавање на клучните проблеми/предизвици и во препознавањето на приоритетите на граѓаните.

Мојот главен акцент во работењето во следниот четитигодишен мандат ќе го ставам на реализирање на проектите кои гарантираат генерирање нови работни места, конкурентност, департизација, зголемување на приходите во буџетот на Општина Делчево со што ќе се создадат реални услови за  подобрување на инфраструктурата, решавање на комуналните проблеми, поддршка на граѓанските организации, поддршка на спортот, решавање на проблемите од социјалната сфера, збогатување на културниот живот, но пред сè, враќање на угледот на општинската администрација и реформирање во вистински сервис на граѓаните на Делчево.

Заедно со мојот тим ја изработивме изборната програма каде што се опфатени нашите клучни, капитални и месни проекти.

Во интерес на отстапениот простор во вашето интервју би спомнал неколку: Планираме изградба на филтер-станица за вода со којашто еднаш за секогаш ќе го решиме проблемот за квалитетна и здрава вода за пиење. Тука е и изградбата на современ покриен градски пазар. Делчево е можеби една од ретките општини во РМ која нема современ градски пазар, со неговата изградба ќе го подобриме урбаниот изглед на градот, ќе создадеме услови за достоинствено да се чувствуваат и продавачите и купувачите, но и храната што се продава да биде изложена на соодвено место.

Потоа, не можеме да затвораме очи и да не гледаме во каква состојба е мостот на улица „Индустриска“. Опасноста дека мостот ќе падне при надоаѓање на поголема количина вода од Брегалница, е реална и затоа се наметнува потреба од негова итна реконструкција и зајакнување на столбовите.

А, она што ќе ми е приоритет е, конечно, да се изградат улици во населбите „Пролет“, „Басарица“, „Ѕвегорска Река“, „Шумски Расадник’, а нема да ги заборавиме ниту инфраструктурните проекти во селските средини, проектите од спортот, културата, пред сè, како моја задача е повторното отворање на локалниот музеј во Делчево.

Водиме една позитивна кампања каде што нашите тимови од врата до врата, нашата Изборна Програма ќе ја достават до секој дом до секое населено место, но и ќе ги слушнеме проблемите на граѓаните, нивните идеи кои треба да се најдат во програма во мојот мандат како градоначалник.“

 

3. Како планирате да ка одблокирате општинската каса, ако се точни информациите, Општина Делчево должи околу 240 милиони денари, долг со се камати ?

„Ова е голем проблем за функционирање на општината. Мора да се изнајде решение, за да се ослободи буџетската каса и да се анулира долгот. Вака не може да оди до недоглед и секојдневно овој долг да се зголемува на име камати. Секој кој ја добива довербата од граѓаните за да ја води општината, не ги добива само привилегиите, туку и наследените обврски. Не можам да сфатам, како ВМРО ДПМНЕ 11 години ја имаше централната власт, а 8 години во континуитет локалната и да не најдат решение за долгот на општина Делчево, кога се расфрлаа стотици милиони евра за глупости низ државава, а бившиот градоначалник на Делчево „плачеше“ пред медиумите дека долгот е од 1998 година, кога повторно централната власт беше на ВМРО ДПМНЕ. Па, добро и од тогаш да е долгот, што правеја претходните градоначалници? Од кои во три мандати, локалната власт ја имаше ВМРО ДПМНЕ? Јас се нафаќам со овој проблем и ветувам дека имам стратегија како да го решам и да го анулирам долгот. Моите првични разговори со компетентни луѓе ми даваат право да бидам убеден дека со поддршка од централната власт на СДСМ, Делчево повеќе нема да биде една од најзадолжените општини во државава.“

4. Како ке го сопрете иселувањето и што е вашиот приоритет за младите за да се задржат дома?

„Младите се нашата иднина кои носат со себе креативни импулси. Идеите на младите треба да се инкорпорираат во нови проекти, нови иновативни, модерни начини на вклопување на младите во носење одлуки кои се од нивни интерес. Мојата заложба ќе биде во насока за интензивна соработа со преставници на младинските организации и воспоставување функционален младински совет во Општина Делчево.

Во соработка со централната власт и ние како локална самоуправа главниот акцент ќе го насочиме кон вработување на младите и мерките за зголемување на платите кои ќе им обезбедат достоинствен живот во Македонија. Тенденцијата ќе биде да се алоцираат милиони евра народни пари, кои претходно завршувале или во џебови на политичари, или во недомаќинско работење, сега да завршат во економскиот сектор за одржлив развој на достоинствени плати.“

 

5. Како ја оценувате работата на претходната локална власт во Делчево?

„Локалната власт во Делчево работеше по пример на централната. До градоначалникот не можеше да стигне никој кој не е од нивната Партија, а проблемите кои требаше да се решат, прво, се селектираа по нивните штабови, па потоа одеше во Локалната. Тие можат да се фалат со проекти кои ги изнапишале на хартија, но очигледно е дека на терен состојбата е жална, насекаде има незадоволни граѓани, ископани улици, поплавени при секој пообилен дожд и многу нерешени проблеми. Граѓаните се жалат дека општината е затворена, бавна администрација и нетранспарентна општина. Во 21-от век граѓаните на Делчево не можат во својата општина да препознаат општина која ќе биде сервис за нивните потреби. Моја прва обврска е да го променам сето ова и да изградам отворена, транспарентна и услужна општина за сите граѓани.“

6. Како ќе се изборите со партизираноста во администрацијата. Дали и понатаму членска книшка ќе биде услов за вработување во локалната администрација?

„Мој критериум ќе биде квалитетот, капацитетот на индивидуата, неговото образование. Нема да дозволам да продолжи урнисувањето на угледот на општинската администрација и да се полни администрација со неспособни партиски кадри. Се сеќавате на реформите на општинската администрација во 2009 година, кога бесрамно од Општина Делчево беа избркани од работа 10 државни службеници под превезот на технолошкиот вишок? Беа избркани квалитетни кадри со работен стаж од две до 25 години, со работно искуство, сертификати од ЕУ, ОБСЕ, само затоа што овие луѓе не им одговараа на поединци од локалниот штаб на ВМРО ДПМНЕ. Замислете некој партиец кој има едвај завршено средно образование да гласа дали некој искусен правник или архитект треба да остане да работи во општинската адмиснитрација? А, за да биде парадоксот поголем, паралелно наместо нив, работните места се потполнуваа со неискусни и некадарни партиски вработувања користејќи ја формата привремено вработување. Исто така, мора да споменам дека локалната власт на чело со ВМРО ДПМНЕ во 2009 година го укина Локалниот музеј „Пијанец“ само за да го избрка директорот од работа, укина институција, наменета со грижа и промоција на природното и културното наследство на Делчево.

Јас ги уверувам граѓаните дека ваквите погубни кадровски политики во Општина Делчево ќе бидат минато, а предност за мене секогаш ќе има квалитетот, образованието на поединецот.“

7. Што би му порачеле на вашиот конкурент за градоначалничката функција на Делчево и која позитивна карактеристика би ја издвоиле за него ?

„Не го познавам доволно кандидатот за градоначалник од ВМРО ДПМНЕ и не би сакал да го коментирам.Но, самото тоа што доаѓа од ВМРО ДПМНЕ, со себе не носи ништо ново, туку продолжување на партизацијата, поделбата и агонијата на граѓаните на Делчево. Граѓаните на Делчево се зрели во својата проценка и тие знаат да проценат и знаат дека на 15 октомври ќе гласаат за промени кои се нормална и демократска придобивка на едно општество. Јас, како кандидат за градоначалник од СДСМ, заедно со мојата советничка листа, ги носам со себе позитивните промени во Делчево, промени кои ќе донесат живот за Делчево за сите, промени кои ќе го направат Делчево убаво место за живеење, бидејќи јас друга општина немам, тука е мојот живот и сакам тука да има живот за сите мои сограѓани!!“

 

поврзани објави

Последни објави