Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека не постојат проблеми со планираното купување руски ракетни системи земја-воздух С-400 и дека со Русија се разговарало и за системот и С-500, објавија турските медиуми, објави Ројтерс.
Ердоган ова го изјавил за новинарите во авионот на враќање од патот во Украина и Србија.
Весникот Хабертурк објави дека турскиот претседател рекол дека нема да има заедничко производство во првата фаза на набавката на С-400, но дека во втората фаза тоа може да се промени.
„Ако даде Господ, ќе преземеме чекори за заедничко производство“, рекол Ердоган.
Министерот за надворешни работи на Турција претходно неделава во интервју за дневниот весник Аксам рече дека Анкара би можело да се откаже од купување на С-400 ако не биде постигнат договор за заедничко производство.
Тој рече дека Турција не била известена за официјалното одбивање на руската страна заедно да го произведуваат овој систем за противвоздушна одбрана, пренесе ТАСС.